Министерката за образование и наука Мила Царовска денес како дел од отворените денови на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ ги посети двете средни стручни училишта „Коле Неделковски“ и „Димитрија Чуповски“ во Велес каде од септември се отвораат нови паралелки со струки барани од компаниите.

На штандови поставени во училишните дворови полуматурантите имаа можност да се информираат за придобивките и можностите кои ги нуди средното стручно образование.

– Среќна сум што има голем интерес кај деветтодделенците да дознаат повеќе за средното стручно образование и што имав можност да разговарам со нив кои се нивните афинитети. Овде во Велес и тоа како е потребен кадар од областа на машинството, електротехниката, хемиско-технолошката, угостителско – туристичката струка и секако здравствената струка – изјави Царовска.

Таа нагласи дека министерството за образование и наука од идната учебна година воведува стипендии од 3.500 денари месечно за учениците од дуалните паралелки, но сепак најголем мотив треба да им биде можноста за брз и успешен настап на пазарот на трудот по формализација на образованието.

– До уписите во средно преостанува нешто повеќе од еден месец, доволно време за полуматурантите добро да размислат и да донесат вистинска одлука според личните афинитети и состојбата на пазарот на трудот – рече Царовска.

Во двете средни стручни училишта во Велес е планирано да се запишат вкупно 508 ученици во прва година. Од нив 322 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик се во СОУ „Коле Неделковски“, а останатите 186 во 6 паралелки на македонски јазик во СОУ „Димитрија Чуповски“.