Министерката за образование и наука, Мила Царовска, претставници од Бирото за развој на образование и професори од сите нивоа на образование од областа на уметностите: основно, средно и високо, денес учествуваа на онлајн дебата којашто е дел од јавната расправа за нацрт-концепцијата за основно образование.

На состанокот беа кажани предлозите и коментарите на професорите од уметностите во врска со предложените реформи, но и беше констатирано дека реформите се неопходни.

Министерката Царовска истакна дека реформите требало да се случат уште пред десетина година и дека не се брза со новиот концепт, туку напротив веќе доцниме.

– За првпат во последната деценија во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни и дека ќе се најде баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на децата – рече Царовска.

Министерката посочи дека со предложената концепција се дава слобода на наставниците од уметностите во држењето на наставата и внесување на овие предмети и во првите два развојни периоди што не е случај сега.

– Исто така, започнуваме со вложување и опремување на училиштата во кабинети и други простории каде што учениците ќе може низ практична настава да се запознаат со предметите и да се стекнат со знаења – рече Царовска.

Министерката истакна дека секаде во свет рамката за нацрт-концепцијата ја изработуваат педагози и психолози што е првата фаза, а потоа во пишувањето на наставните програми што се втората фаза се вклучени професори и наставници од посебните области коишто се вклучени во наставата.

Министерството за образование и наука ги продолжува дебатите и консултациите за нацрт-концепцијата која е објавена на веб-страницата на МОН со цел најшироката јавност да биде вклучена во креирањето на новиот концепт за основно образование, врз основа на демократското начело. Секој може да достави свои забелешки, коментари и предлози до 20 овој месец.

– Целиот овој процес се прави во најдобар интерес на учениците затоа го спроведуваме максимално транспарентно, вклучувајќи ги националните институции, граѓанските организации, социјалните партнери како и експертите за образование и професионалци од праксата. Никој не е изоставен од овој широк консултативен процес, бидејќи целта ни е да обезбедиме целосна транспарентност на носењето на концепцијата и вклученост на сите страни – соопшти МОН.

Од таму велат дека самата нацрт-концепција е направена врз основа на анализи, меѓународни и домашни истражување и експертски мислења и ставови од наставници кои посочуваат дека се потребни реформи во основното образование.