Министерката за образование и наука, Мила Царовска, на онлајн-состанок со градоначалниците и директорите на училиштата разговараше за текот на наставата и за реформските процеси во образованието кои се во тек. Беше заклучено дека воспитно-образовниот процес во учебната 2020/2021 година се одвива успешно, со почитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид-19.

– Наставата се реализира успешно, кај учењето од далечина над 90 проценти од учениците следат онлајн-настава. Континуирано се намалува бројот на ученици што немаат технички услови за што придонесува заедничкиот ангажман на МОН, локалните самоуправи, училиштата и компаниите што покажуваат општествена одговорност – нагласи министерката Царовска.

Директорите на училиштата посочија дека кај наставата со физичко присуство доследно се почитуваат протоколите и мерките за заштита од болеста. На тоа укажуваат и податоците од извештаите, кои училиштата континуирано ги испраќаат до МОН и според кои ризикот за инфекција од Ковид-19 е сведен на минимум. Нема пренос на болеста во училиштата, а доказ за тоа е и помалку од 1 процент активни случаи кај учениците и наставниците.

На онлајн-состанокот се разговараше и за реформите на основното и средното образование, кои се во насока на осовременување, дигитализација и постигнување подобри образовни резултати.