Матурата е задолжителна. Ние сме целосно подготвени матурата да се спроведе на соодветен и безбеден начин, според концептот усогласен со здруженијата на средношколци коишто беа на состанок во Министерството. Програмите се поедноставени, исто и прашањата, согласно со условите во кои ќе се изведе матурата, кажа министерката за образование и наука Мила Царовска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со заканите за бојкот на онлајн наставата и барањата за намалување на бројот на предмети, од страна на групи на ученици на социјалните мрежи, на денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада.

Царовска нагласи дека Владата во сите постапки и одлуки се водела од општиот, државниот интерес и правата и интересите на учениците, но и наставниот кадар, за да обезбеди достапно, навремено и квалитетно образование во овие вонредни услови.

Министерката посочи и дека со комбинираниот модел на настава е спречено ширењето на вирусот во училиштата и обезбедена е стабилност на образовниот процес.

– Со комбинираниот модел на настава обезбедивме стабилност на образовниот процес. Успеавме да го спречиме ширењето на вирусот во училиштата. Имаме помалку од еден процент заразени ученици и наставници, а над 90 посто од учениците успешно следат онлајн настава – истакна Царовска.