Министерката за образование и наука, Мила Царовска, и другите претставници на делегацијата како дел од официјалната посета на Турција денес посетија неколку средни стручни училишта во Истанбул, како и природноматематичката гимназија, која е едно од најдобрите училишта во државата.

При посетата договорена е соработка во делот на јакнењето на средното стручно образование преку обука на наставен кадар, размена на искуства и практики и поддршка во развој на нови профили.

– Нашите две држави имаат позитивно искуство на соработка помеѓу училиштата и заеднички проекти и таа соработка ќе се продлабочува – рече Царовска на средбата.

Министерката Царовска и другите претставници денес имаа средба со истанбулскиот директорат за образование под чија надлежност се 3 милиони ученици и 200 илјади наставници. На состанокот беа разменети искуства од сферата на образовните политики и беа разгледани можностите за зајакнување на соработката во делот на основното и средното образование помеѓу двете земји.

Како дел од официјалната посета на Турција, Царовска имаше министерски состанок во Анкара, средба со претседателот на турското собрание, состанок во централата на ТИКА, како и посета на Универзитетот „Тракија“ во Едрене и средби со претставници на повеќе директорати за образование.

Во македонската делегација се и заменик-министерот Арафат Шабани и државниот советник за образовни политики, Ѓонул Бајрактар.