Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денес учествуваше на онлајн презентација на извештајот во сенка изработен од фондацијата Отворено општество Македонија којшто се однесува на секторските работни групи и вклученоста на граѓанските организации во носењето на политиките во државата.

На презентацијата беше посoчено дека работна група за образование, вработување и социјална политика е еден од најпозитивните примери на соработка на граѓанските организации и државата, во креирањето на политики.

Министерката Царовска рече дека редовниот дијалог со граѓанските организации е значаен за напредокот на целото општество.

– Преку оваа работна група заедно со граѓанските организации ги утврдуваме врвните приоритети кои се од интерес на граѓаните. Ова го правиме низ процес на широка консултација и координација и верувам дека оваа соработка ќе продолжи и уште повеќе ќе се зајакнува – рече Царовска.

Секторската работна група ја координираат Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика и во неа членуваат претставници од институциите задолжени за креирање на секторските политики и стратегии, европските интеграции и ИПА. Секторската група работи на имплементацијата на политиките за конкурентност и инклузивен раст во трите сектори, преку програмите финансирани од претпристапната помош.