Најголем буџет од 41,6 милиони денари е одделен оваа година за инвестирање во изградба и доградба на детски градинки, адаптација и опрема на градинките, што е за 44 проценти повеќе во однос на 2017 година кога за истата намена биле искористени околу 29 милиони денари.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Посочи дека најголем дел од инцвестициите, повеќе од 80 проценти се во рурални општини, со цел да се постигне, како што рече, рамномерен регионален развој и да се даде еднаква шанса на децата и од руралните и од градските средини за постигнување подобри резултати во образованието и животот понатаму“.

– Заклучно со август се реализирани 42 процента од планираниот буџет за оваа намена во 2018 година, односно веќе се инвестирани 17,5 милиони денари во детски градинки. Оваа сума е речиси иста со сумата која била инвестирана за цела 2015 година и за околу три милиони денари повеќе од потрошениот буџет наменет за оваа намена во 2016 година, прецизира Царовска.

Додаде дека во изминатиот период за нешто повеќе од година, се отворени 11 нови објекти за згрижување деца од предучилишна возраст и обезбедивме 86 вработувања, а се зголемил капацитетот за 616 деца.

– До крајот на годината планираме отворање на уште 14 градинки со вкупен капацитет од 682 деца и планирани 97 вработувања, кои треба да се реализираат до крајот на годината. Оваа Влада инвестира финансиски средства во развојот на предучилишното образование и институциите за заштита на деца со цел да ги подобриме условите за раст и развој на децата во нашата држава, истакна министерката.

Според неа, освен што се создаваат нови капацитети, Министерството се грижи и за вработените и токму затоа со септемвриската плата што се исплаќа во октомври, како што посочи, воспитувачите и негувателите ќе земат за пет отсто повисока плата.

– Наследивме систем со дефицит од повеќе од 2.000 вработени кои што недостигаа во системот, и досега обезбедивме над 900 лица кои работат со тоа се зголемува и квалитетот на дадената услуга во градинките, заклучи министерката за труд и социјална политика.