Наш приоритет е образование за секое дете. Создаваме услови за негување на интересите, потребите и културните особености на сите етнички заедници кои живеат во нашата држава, а посебно сме горди на интегрираноста на турската заедница во образованието, посочи министерката за образование и наука Мила Царовска, на средбата со предесдателот на турското собрание, Мустафа Шентоп, во Анкара.

– Настава на турски јазик се реализира во повеќе основни и средни училишта, а турскиот јазик се изучува и во високото образование. Мултиетничката и мултилингвална средина придонесува учениците да се изградат во граѓани кои ќе живеат едни со други, а не едни покрај други – додала Царовска заблагодарувајќи се за, како што рекла, несебичната поддршка на пријателскиот турски народ во досегашниот период.

Претседателот на турското Собрание, Мустафа Шентоп, истакнал дека Турција ќе продолжи да биде меѓународен партнер кој го поддржува напредокот на државата во сите сфери.

Посочил дека Северна Македонија и Турција имаат формализирано и ратификувано неколку протоколи за соработка во областа на образованието и за научно-техничка соработка, а се осврнал и на турскиот придонес во работата на образовните институции од сите нивоа во нашата земја, како и на поддршката за македонски студенти на универзитетите во Турција.