Фото: Архива

Во период кога ја оставаме зад себе 2020 година и кога сите надежи за подобро утре се насочени кон 2021 година, македонските хумористи и сатиричари веруваат дека хуморот е единственото нешто што најдобро може да ја порази пандемијата. Според нив, хуморот за време на криза е уште поважен од обично, ни коронавирусот не е исклучок од тоа, а истовремено не постојат работи за кои не треба да се кажуваат шеги.

Горан Ѓуровски-Ѓуро од „Зевзекманија“ вели дека хумористите се форма на доктори со кои се лекува општествениот менталитетот во државата, која е надвладеана од пандемијата, слично на доктор Несторовиќ од соседна Србија.
– Секој си има своја улога во општеството и затоа сметам дека со својата работа хумористите и сaтиричарите може да им помогнат на сите, па дури и на политичарите – вели Ѓуро.

Според него, иако тешката година пополека изминува и ќе остане засекогаш зад нас, никогаш не треба комплетно да ја затвориме работата за позитивните случувања во земјата.
– Хуморот и сатирата истовремено се и оружје што ние од нашата фела го користиме за исмевање на она што го сервираа нападот врз нашата земја со лажни информации и дезинформации за пандемијата, кои нѐ тонеа во анксиозност, дополнително преполнувајќи ги нашите болници – вели Ѓуро.

Сeпак, тој додава дека хуморот е лек за сѐ, бидејќи го намалува стресот врз организмот, а со тоа и индиректно помага во лекување на болеста.
Шоуменот и хуморист Војче Китановски вели дека само хуморот е најдобра вакцина и спас од вирусот, а оваа негова теза ја поддржуваат сите светски стручњаци и експерти.
– Хуморот го продолжува животот. Тоа е научно докажано. Јас се занимавам со хумор 50 години, а поради тоа ќе се занимавам уште 500 години. На народот во државата му значи хуморот. Тој е најдобриот лек. Го има и во законите, каде што е пропишана „дозата“ што секој граѓанин пред пандемијата требаше да ја прими преку спортот и забавата, а во второто влегува хуморот – вели Китановски.
Тој како свои интересни досетки за пандемијата раскажа два вица.
– Во кафенана се сретнале ракијата и Светската здравствена организација (СЗО). Низ разговор СЗО ја искарала ракијата дека го нарушува здравјето на пијаниците, а ракијата одговорила: „Ти, па, ептен го зачува здравјето на луѓето во пандемијата“ – раскажува Китановски.

Во својата анегдота, исто така за пандемијата, вели дека дознал оти бурекот што се продава во пекарниците сега бил многу повкусен од претходно.
– Кога се распрашував зошто е тоа така, локалниот пекар ми рече дека сега вкусот е сменет, бидејќи првпат пекарите ги мијат рацете пред да месат – вели Китановски.
Тој се надева дека човештвото ќе го надмине ова зло, а откога ќе биде победен вирусот, засекогаш ќе биде победено и носењето маска, кое е симбол на потчинетост, и нема да се спроведува забраната за луѓето да одат во цркви, џамии и синагоги.
Васил Толевски, македонски сатиричар и хуморист, во својата книга „Со
смеа против корона“, напиша неколку афоризми што најмногу ја отсликуваат пандемијата.

– Респираторите ќе ни требаат и по коронавирусот. И сега има луѓе што поради малите плата не можат да дишат – вели Толевски.
Тој сатирично вели дека како во општеството така и кај пандемијата секогаш настрадуваат – позитивните. Па додава дека заштитните маски не ги измислија медицинарите! Туку – крадците.

[email protected]