Андреја Метелко-Згомбиќ

Хрватска го поддржува писмото кое во врска со Македонија и Албанија на Европската Комисија ѝ го испратија министрите за надворешни работи на шест земји-членки на Европската Унија, но не го потпиша, изјави државната секретарка во хрватското Министерство за надворешни и европски работи, Андреја Метелко-Згомбиќ.

Таа објаснила дека Хрватска не го потпишала писмото затоа што не е примерно како земја која наскоро ќе претседава со ЕУ формално да се сместува во тие предлози.

– Нашите ставови остануваат исти, тие се доследни. Ја поддржуваме содржината на писмото, но, како држава која наскоро ќе го преземе претседавањето не е вообичаено формално да застанеме зад некој предлог – рекла Згомбиќ, пренесува „Танјуг“.

Агенцијата „Хина“ пренесува дека таа навела дека Хрватска во текот на своето претседавање ќе се залага за да се донесе соодветна одлука во врска со отворањето преговори со Албанија и Северна Македонија.

– Сакаме да создадеме услови со цел во текот на нашето претседавање навистина да можеме да направиме позитивни чекори во таа насока. Секако дека постојат одредени замерки за неефикасноста на самиот процес на проширување. Многу земји констатираа дека нема соодветен напредок во процесот на проширување – рекла таа.

Австрија, Италија, Словенија, Словачка, Чешка и Полска до ЕК доставија писмо во кое изразуваат подготвеност да се ангажираат за подобрување на процесот за пристапување за земјите од Западен Балкан.

– Ќе работиме на тоа доколку се обезбеди ефикасна работа и доколку се обезбеди консензус внатре во ЕУ за отворање пристапни преговори за Албанија и Северна Македонија во март 2020 година – се наведува во писмото.