Фото: Маја Јаневска-Илиева

Помалку од десет отсто од охридско-струшкото крајбрежје, на потегот од Радожда до Свети Наум, е урбанистички организирано, информира претседателот на Хотелско-туристичката асоцијација на Македонија (ХОТАМ), Крсте Блажески.
Според него, само седум-осум проценти од вкупната површина на брегот на Охридско Езеро, од околу 67 километри, има детален урбанистички план.
Тој смета дека надлежните институции треба да преземат мерки за урбанизација на целата охридско-струшка ривиера за инвеститорите да можат да вложуваат и да градат на точно определена локација.

– Доколку сакаме градби и инвеститори, потребно е итно да се направат детални урбанистички планови. Ние сакаме инвеститори, нови хотели и други содржини на крајбрежјето, но за тоа нема точно утврдени локации, каде и што може да се гради – вели Блажески.

Првиот човек на ХОТАМ, водејќи се по примерот на развиените туристички центри, смета дека недозволиво е да има неуредени и запуштени површини покрај плажите и туристичките комплекси. За поголема посветеност на сопствениците кон таквите места предлага воведување данок што би се зголемувал за одреден период доколку не се уредат.

– Би ги охрабрил сите институции на ниво на цела држава да работат коректно и побрзо да ги издаваат дозволите за градба за оние капацитети што исполнуваат услови, а негативните да не стојат со години заклучени во фиока – рече Блажески.
Тој смета дека треба да му се даде можност на локалното население за реализирање конкретни проекти, но да не се запостават ниту другите инвеститори. П.Р.