Мнозинството матуранти од утре ќе ја бојкотираат наставата, најави претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, во разговорот за телевизија 24.

Тој нагласи и дека матурантите не сакаат укинување на матурата, туку намалување на бројот на предмети. Ходаи тврди дека матурантите немале друга опција откако од министерката за образование Мила Царовска побарале да се полагаат два предмета на државната матура.

– Одлуката ја донесовме пред три дена дена. Сегашните состаноци се координативни за да имаме поефикасен бојкот на наставата и за да постигнеме образовните институции да ги прифатат нашите барања. Матурантите треба да ја бојкотираат наставата од утре – вели Ходаи.

Тој истакна дека матурантите бараат да се направи модификација по пример на образованието во Франција.

– Не сакаме да направиме протест, затоа што во време на пандемијата треба да сме одговорни. Барањата не се да се укине матурата, туку да се направи модификација по пример со образованието во Франција. Да има намалување на бројот предмети од четири на два – заклучува Ходаи.