Бремена работничка побара правна помош од Хелсиншкиот комитет бидејќи работодавачот незаконски ѝ го прекинал работниот однос додека користела боледување. Станува збор за работничка на која непосредно откако го информирала работодавачот дека е бремена ѝ бил откажан договорот за вработување. Работодавачот ѝ го врачил отказот на работничката додека таа била на боледување, со образложение дека неоправдано отсуствувала од работа во претходниот период, што претставува повреда на одредбите на Законот за работни односи. Симптоматично е што работодавачот како причина за отказ наведува наводно отсуство на работничката од работа, а за истото таа никогаш претходно не добила никакви предупредувања, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Случајот бил пријавен во Државниот инспекторат за труд кој по спроведениот вонреден инспекциски надзор утврдил повреда на Законот за работни односи од страна на работодавачот и дискриминација на работничката. Државниот инспекторат за труд со свое решение го укинал решението за прекин на работниот однос на работничката и му наложил на работодавачот да ја врати работничката на работа. Работодавачот постапил по наредбата на Државниот инспекторат на труд и ја врати работничката на нејзиното работно место.

– Бремените работнички уживаат посебна заштита со македонското трудово законодавство. Работодавачот не смее да ѝ го откаже договорот за вработување на работничката за време на бременост, ниту за време на отсуство заради боледување. Доколку работничката сторила потешки прекршувања на договорните обврски, може да ѝ биде откажан договорот за вработување, само по претходна согласност на синдикатот чиј член е работничката или по добиена согласност од Државниот инспекторат за труд.

Овие дејствија на работодавачот претставуваат директна дискриминација врз работничката на основа на нејзиниот пол, род и личен статус и се забранети со Законот за работните односи и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Овој случај ја отсликува честата практика на работодавачите да ги дискриминираат жените врз основа на пол, род, лично својство, семејна или брачна состојба и ја потврдува особената ранливост и подложност на дискриминација на бремените жени во областа на вработувањето и работните односи.
Ваквите случаи дополнително ја акцентираат потребата за усогласување на домашното трудово законодавство со она на Европската унија и со стандардите на Меѓународната организација на трудот, се со цел подобра превенција и заштита од дискриминација на жените во областа на вработувањето и работните односи – се вели во соопштението.