Со промената на раководството во Управата за извршување на санкциите беше овозможен непречен пристап до казнено-поправните установи во споредба со претходната пракса на целосно игнорирање на поднесените барања за посети на овие установи, велат од Хелсиншкиот комитет.

Во периодот од февруари до септември 2019 година претставниците на Хелсиншкиот комитет за човекови права остварија еднодневни посети во 10 од 11 казнено-поправни установи во Македонија, како и три дополнителни посети во КПД „Штип“, КПУ „Куманово“ и КПУ „Охрид“.

Пред медиумите беше презентиран извештајот за состојбите и условите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија, подготвен во рамките на проектот „Живот зад решетки“ поддржан од страна на Амбасадата на САД во Македонија. Проектот се спроведуваше во периодот од август 2018 до септември 2019 година со цел да ги адресира системските проблеми во пенитенцијарниот систем во државата, а со посебен фокус на почитувањето на човековите права на лицата лишени од слобода кои издржуваат казна затвор.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, ја оцени како напредок соработката со Управата за извршување на санкциите, која почна по заедничката посета на Идризово со премиерот Заев и народниот правобранител. Напредок е забележан и во намалување на пренатрупаноста, што се должи на донесениот Закон за амнестијата, но и на новиот павилјон изграден по сите стандарди за речиси 600 затвореници во најголемиот затвор во земјата. Набргу ќе се пушти во употреба и новиот малолетнички затвор во Тетово.

Сепак, велат од Хелсиншкиот, остануваат многу предизвици поврзани со казнено-поправните установи за кои треба систематизиран пристап.

-Буџетот за казнено-поправните установи од лани е намален 60 отсто, што се одразува и врз снабденоста со храна и хигиенските услови. Мора да се одвојат повеќе средства за оваа популација. Не станува збор за една институција, туку сите да си ги почитуваат своите обврски и да издвојат поголем буџет. Самите луѓе што работат во установите се соочуваат со предизвици, ниски плати, влијанија врз нивната психичка состојба. Нашите препораки се до државата, а не само до задолжените за управување со установите. Не смееме да ги оставиме осудените лица на маргините на општеството. Потребна е политичка волја да се направи нешто повеќе за оваа популација, рече Пировска.

Правната советничка и координаторка на овој проект, Сибел Амет, се осврна на проблемите во однос на образованието, здравството, ресоцијализацијата и материјалните услови.
-Во ниту еден затвор нема образование, напротив, сѐ е сведено на ниво на пилот-проекти финансирани од меѓународната заедница, но тоа не е системско решение. Особено загрижувачка е состојбата во малолетничките установи, посочи таа и додаде дека затворите се соочуваат и со недоволно лекарства и медицински персонал.

Во таа насока, додаде таа, потребна е добра координација меѓу министерствата за правда, здравство и образование за да се сменат работите.
-Сериозен проблем останува и постпеналната помош бидејќи повеќето од затворениците се оставени сами на себе кога излегуваат од затвор. Надлежните сериозно да си ја сфатат обврската за помагање на оние што треба да излезат од затвор за полесно да се соочат со животот надвор од решетките, заклучи Амет.