Европската комисија до крајот на мај ќе го претстави годишниот извештај за напредокот на земјите во процесот на проширувањето, кој е од голема важност за Македонија, особено по потпишувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор. Во таквиот контекст, европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, пред комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент повтори дека очекувањата на Европската комисија се дека во мајскиот извештај ќе се препорача отворање преговори со Северна Македонија доколку бидат исполнети поставените услови.

– Во мај ќе ги презентираме извештаите за напредокот за земјите и очекуваме дека врз основа на тоа што ќе го констатираме ќе дадеме препорака за Северна Македонија и Албанија, дека тие треба да влезат во подготвителната фаза на преговорите, особено по позитивниот развој во Северна Македонија – изјавил Хан пред пратениците.
Сепак, ваквиот став на Хан за напредокот на Македонија не ја намали скептичноста на европратениците од земјите што се противат на брзо отворање на преговорите со земјава. Затоа тој ги потсетил дека се работи за постепен процес.

– Сакаме да го започнеме овој иницијален процес кон пристапни преговори. Сите стануваат нервозни кога се зборува за оваа идеја, но оваа клучна одлука само ќе значи дека можеме да започнеме со подготвителната работа за отворање на првото поглавје и тука повторно треба да има едногласна одлука поддржана од сите земји-членки за тоа кои ќе бидат одредници, односно критериумите за отворање на преговорите пред воопшто тие да започнат – им порачал Хан.

Тој е убеден дека процесите на институционална реформа на ЕУ и проширувањето можат да се одвиваат паралелно, бидејќи и двата процеса бараат години за да се реализираат.

– Губење време е ако се чека прво на институционалната реформа на ЕУ, бидејќи и онака не се работи за проширување, туку за заокружување на Унијата – објаснил Хан.
Македонскиот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи изјави дека не гледа аргументи со кои земјите-членки би можеле на јунскиот совет да го блокираат или одложат датумот за преговори со Македонија.