Од еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ потсетуваат дека деновиве се одвивa 43. сесија на Комитетот за светско наследство во Баку, Азербејџан, каде што ќе се разгледува и потребата Охридскиот Регион – нашето единствено светско природно и културно наследство, да биде прогласено за светско наследство во опасност.

Според „Фронт 21/42“, тоа е и единствена шанса за опстанок на регионот.

– Во медиумите и социјалните мрежи деновиве кружат ставови, анализи и сл. кои се базираат на неразбирање на она што ќе се разгледува во Баку и можните последици. Ставањето на Охрид на листата на светски наследства во опасност не значи тргање на заштитата на УНЕСКО – напротив, значи зајакнување на заштитата – објаснуваат од еколошкото здружение истакнувајќи дека советодавни експертски тела на УНЕСКО врвни светски експерти за природа и културно наследство, директно ќе се вклучат во изработка на Посакувана состојба и сет на корективни мерки.

Како што додаваат во соопштението, токму ова е неопходно за да се стопира трендот на деструкција и да се создадат услови за враќање на поволна состојба на вредностите.

– Најпатриотскиот чин кој нашата делегација може да го направи во Баку е да побара Охрид да отиде на листата на светски наследства во опасност и помош од експертите од УНЕСКО. За жал, по сè што сведочевме од 2017 наваму, наивно е да очекуваме дека ова ќе се случи, односно дека личните и партиските интереси ќе бидат ставени зад интересите на државата и на сите следни генерации – велат од „Фронт 21/42“ од каде изразуваат надеж дека светот ќе биде позагрижен за уникатното богатство на Охридскиот Регион во споредба со домашните институции.