Како резултат на глобалните трендови во дигитализацијата, по иницијатива на Фондот за иноваци и технолошки развој (ФИТР), денес почна со работа работната група чија цел е креирање на првата мационална стратегија за вештачка интелигенција во државата.

Во работната група се вклучени домашни експерти, но и успешни Македонци, кои се глобално признаени професионалци од оваа област и работат во светски познати компании и универзитети.

На стратегијата ќе работат: Татјана Митевска (Аспиегел СЕ), Бисерка Шемовска (менаџер за развој на бизнис и раководител на Академијата за вештачка интелигенција, Семос едукација), Илија Лалковски (Веб-фактори), Јасмина Мајстороска (Министерство за економија), Никица Кусиникова и Виктор Мирчевски (здружение „Конект“), Ѓoрѓи Маџаров (МАСИТ), Бардил Јашари (Фондација „Метаморфозис“), Ангел Џеков и Петар Фидановски (MИОА), Светлана Кордумова (Пиксајл), Христијан Ѓорески (ФЕИТ), Петре Ламески (ФИНКИ), Андреј Дамески и Филип Петровски (Дата мастерс).

„Вештачката интелигенција ќе биде во фокусот на работењето на Фондот во следниот период. Неодамна заврши и првиот јавен повик на ФИТР за дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, а за в година веќе е во план и креирање посебен инструмент за поддршка на стартап-компаниите што работат со вештачка интелигенција во земјата. Во целиот процес на креирање нови иницијативи на оваа тема ќе биде вклучен и словенечкиот Институт ‘Јожеф Стефан’ со кого ФИТР набргу ќе потпише меморандум за соработка“, посочи Коста Петров, директор на ФИТР.

Со креирањето на стратегијата ќе им се даде шанса на многу домашни иновативни стартап-компании да ги реализираат своите идеи и проекти, соодветно образование, како и современа опрема.