Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општините, односно училиштата и натаму ќе продолжат да избираат фирма за храна на тендер, иако имаше реакции од родители дека на тој начин не се избира фирма што нуди добар квалитет, туку се избира најевтината понуда

Во новиот закон за основно образование нема промени во однос на начинот на избор на фирмата што ќе обезбедува храна за учениците, иако тоа беше важно прашање што требаше да се реши за да се олесни постапката, во случај да има незадоволство од исхраната што конкретен оператор ја нуди. Со сегашните законски прописи, ако има родители што се незадоволни од храната што им се дава на учениците на училиште, тогаш мора да се распише нов тендер за избор на нова фирма, што е повеќемесечна постапка на која ретко кое училиште се нафаќа, бидејќи во меѓувреме децата треба да останат без храна. Од друга страна, изборот на тендер подразбира и најевтина понуда, што во практика не подразбира и квалитет.

Има училишта за кои родителите досега многупати реагирале во врска со квалитетот на храната што ја јадат нивните деца. Некои од случаите се пријавувале, но во практика, резултатите од мострите што се земани подоцна, најчесто покажувале дека сѐ е во ред. Во новиот закон за основно образование, во однос на исхраната на учениците, е предвидено нутритивниот квалитет на храната и оброците да ги утврдуваат институтот и центрите за јавно здравје.

– Директорот на училиштето ќе има обврска да го следи обезбедувањето на стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта и за забележаните неправилности веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето на неправилностите, да ги извести Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат или Државниот пазарен инспекторат, зависно од утврдената неправилност – информираат во Министерството за образование и наука.
Советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор за да се утврди дали во основното училиште оброците се во согласност со стандардите за исхраната. За утврдените неправилности при спроведување на стандардите за исхраната, за оброците во основните училишта и за преземените мерки надлежните органи го известуваат директорот.

Родители реагираа најчесто на социјалните мрежи дека децата наоѓале остатоци од пластика во чиниите, рачки од пиперки, а им биле послужувани и недопечени кифли или, пак, кифли со помала грамажа од пропишаната. Реакциите главно одеа во таа насока дека училиштата не избираат фирма што нуди квалитет, туку ја избираат најевтината понуда.

Дека храната во училиштата е на незадоволително ниво, утврди и Институтот за јавно здравје. Во еден од нивните извештаи стои дека многу е мал внесот на нутритивно богата храна како овошје, зеленчук и млечни производи. Во извештајот пишува дека е неопходен засилен мониторинг на исхраната кај децата со целодневен престој. Досега казни за ваквите пропусти немало.

Во извештајот е констатирано и дека доставените листи на топол оброк се со незадоволителен квалитет, односно во нив не била наведена енергетската вредност и истата таа не била прикажана во грамови. Биле дадени и препораки и насоки како да се постапи, но не биле преземени мерки за понатамошно подобрување на квалитетот на исхраната.

Во време кога прв човек на министерството беше Рената Дескоска, таа изјавуваше дека не смее никој да си игра со здравјето на децата, а за сметка на тоа да се приоритет бизнис-интересите на градоначалниците и општините, кои се основачи на училиштата. Таа најавуваше темелни контроли на пет државни институции што требаше да го следат квалитетот. Проблемот требаше да се решава интерресорски бидејќи МОН нема ингеренции да постапува кога станува збор за храната во училиштата.