Епидемијата на мали сипаници (морбили) во населбата Радишани од кои се заразени пет деца и еден 30-годишник е трета годинава после онаа во Дебар кога заболеа 20 лица и општината Сарај каде беа заболени три лица. Дефинитивно ова е знак на губење на колективниот имунитет како резултат на сериозно опаднатиот опфат со вакцини. Не смееме да дозволиме овој тренд на опфат со вакцинација да продолжи, бидејќи тоа значи сериозен ризик од голема епидемија која може да има несогледливи последици за целото население, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека на територијата на целата држава во вакциналните пунктови ќе се направи проверка на картоните и врз основа на резултатите ќе биде спроведена вакцинација на децата од една до 13 години. Тој рече дека заразените деца се хоспитализирани, се во стабилна здравствена состојба и нема компликации во нивното лекување.

– Преземавме мерки кои се однесуваат на градинката, на општината Бутел и на територијата на целата наша држава. Градинката е затворена и во неа беше направена дезинфекција. Сите 104 деца кои се запишани во градинката е препорачано да седат дома во период од две недели додека трае инкубацијата. Во вакциналниот пункт во Здравствениот дом ќе бидат проверени сите вакцинални картони на децата и врз основа на податоците кои ќе бидат собрани ќе се спроведе вакцинација на сите деца на возраст од шест месеци до 14 години, истакна Филипче.

Нагласи дека формирале работна група од епидемиолози, педијатри, претставници на министерствата за труд и социјална политика и за образование со цел да ја зајакнат регулативата во однос на спроведувањето контрола на тоа кои деца при уписот во градинка, основно училиштe и на факултет се проверуваат во однос на нивниот вакцинален статус и како се спроведуваат мерките кои се однесуваат на казнените одредби за родителите чии деца не се вакцинирани заради тоа што ја одбиваат вакцинацијата.

– Мора да анализираме повеќе правилници и закони, начинот на кој се спроведуваат и овој систем да го зајакнеме, додаде Филипче.

Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје на Република Македонија рече дека на децата на возраст од шест месеци до 14 години кои не се вакцинирани ќе им биде пратена покана за вакцинација. Очекуваме 100.000 вакцинални картони да бидат проверени во наредните неколку дена на територија на град Скопје и на територија на државата, за да се спречи ланецот на ширење и брзо да се реагира.

Посочи дека во рамки на населбата Радишани границата за вакцинирање ќе се прошири, односно треба да се вакцинираат сите децата кои оделе во градинката на возраст од шест месеци до 14 месеци со првата доза и потоа ќе примат уште една редовна доза. Возрасните лица, потенцира, треба да го проверат вакциналниот статус и да се јават ако биле во близок контакт со некој од заболените.

– Треба да се ограничи движењето на заболените. Вакцината е безбедна, сигурна и единствена заштита од малите сипаници кои се сериозно заболување и можни се компликации. Една од 20 деца може да добие пневмонија, а едно од илјада деца може да добие воспаление на мозокот кое може да заврши и со смртен случај. Во Македонија беше регистриран еден смртен случај во 2011 година од епидемија на мали сипаници. Детето може да биде заразено три дена пред да се појават првите симптоми, рече Микиќ и додаде дека очекуваат од проверката на 100.000 вакцинални картони да најдат 10 до 15 отсто невакцинирани.

Претседателот на Комитетот за имунизација проф.д-р Александра Грозданова рече дека има доволни количини ММР вакцини односно 16.854 дози од кои 3.000 се распределени по вакциналните пунктови во Скопје, а во последните 24 часа ги контролирале вакциналните пунктови и сите се снабдени со вакцини. Таа упати апел до родителите да ги вакцинираат децата и појасни дека вакцината е од реномиран производител. Додаде дека едно заразено лице може да зарази дваесеттина други и дека можно е 136 луѓе да се заразени со мали сипаници.