Претседателот на Комисијата за здравство, Венко Филипче, вечерва учествуваше на панел-дискусија на тема „Рак на дојката – третман и психотерапија“, во организација на Форумот на жените на СДСМ на ОО Велес.

– Владата спроведува мерки и активности за подобрување на здравјето и животот на пациентите со рак на дојката. Набавивме нови 30 молекули биолошка терапија, сите пациенти со рак на дојката го имаат потребниот лек. Терапијата е достапна за сите пациенти на кои им е неопходна. Не е како порано оваа терапија да биде достапна само за ограничен број пациенти – истакна Филипче.

Пред присутните тој информира дека првпат е обезбедена и психолошка поддршка за онколошките пациенти, што претставува едно од најважните сегменти за успешно лекување на болестите.

Од страна на директорот на Клиниката за радиологија и онкологија, Нино Васев, беше посочено дека сега не само што што има нови дигитални мамографи туку новитет се и билошките лекови, кои се достапни за сите.

– Денес се измени процесот за детекција и лекување на ракот на дојката за разлика од порано. Имаме многу нови имунолошки процеси со кои може да се зајакне метаболизмот и да се спречат последиците од процесот на лекување на ракот за дојката. Денес, сите од вас жените треба да знаете дека сте безбедни, дека во случај на најтешко целиот процес е олеснет трипати – истакна Васев.

На трибината зборуваа и психолози, кои ја потенцираа важноста од психолошка поддршка за заболените од рак на дојката и дека тие веќе не се сами во предизвиците. Тие порачаа дека при примање на терапиите при повторно повторување на болеста психолозите стојат на располагање да овозможат олеснителен процес за сите што имаат потреба од тоа.

Филипче на панел-дискусијата во Велес посочи дека е воведена новина за двојно читање на мамографските слики. Тој појасни дека мамографските снимки за рано откривање рак на дојката се независно анализирани од двајца радиолози, кои имаат искуство на читање вакви снимки од минимум 800 пациентки.

– Во фаза е централизација на сите онколошки оддели што се под Клиниката за онкологија во Скопје, со цел да обезбедиме максимална поддршка на пациентите и во другите градови“, потенцира Филипче и ги повика сите жени да прават редовни лекарски контроли, како и редовни самопрегледи на дојките.