Спроведувањето на пописот во време на пандемија е голем предизвик, но процесот може да се спроведе и заврши по сите здравствени протоколи, рече министерот за здравство Венко Филипче на онлајн конференцијата во организација на „Рома интеграцион центрум“.

Филипче посочи дека министерството за здравство и Комисијата за заразни болести како и за време на одржувањето на изборите, така и сега, за спроведување на пописот, ќе бидат на располагање за едукација и донесување протоколи за спорведување на една ваква, како што ја нарече, комплексна операција.

– Ќе дадеме свои укажувања, доколку е потребно може да имаме и мини едукација како тоа да биде организирано од институциите коишто ќе го водат тој процес – рече Филипче.

Министерот како пример го посочи спроведувањето на изборниот процес, кој во делот со спроведување на здравствените протоколи поминал, како што кажа, без ниту една забелешка.

– Консензус на ниво на СЗО е дека ниту еден процес и постапка не треба да запре, туку треба да се спроведува со протоколи кои се универзално прифатени во сите земји. Во таа смисла сме на располагање и во делот на експертизата, и комуникациски да го поддржиме процесот кој е од клучно значање за државата – рече Филипче.