Министерството за здравство ќе биде подготвено да ги распише новите огласи за вработување во септември. Најголеми потреби од кадар има во Здравствениот дом во Скопје, а исто така е и разгледано и барањето на штипската Клиничка болница за вработување на 100 медицински лица, од кои 26 се лекари.

Прашан како ќе се реши недостатокот на лекари во тетовската болница, каде што 80 лекари побарале откази за да заминат во странство, Филипче вели дека овој проблем ќе се решава со регионализација на здравствениот систем на територија на целата држава.

– Значи доколку недостасува некој кадар од одредена струка во една болница тој ќе се надополни со лекари, кои што ќе доаѓаат таму и ќе работат во друга болница. На тој начин ја стимулираме и дополнителната работа за докторите, со што дополнително се зголемува нивниот приход. Но не можеме да имаме центри, кои што ги имаат сите сервиси во секој град. Тоа е невозможно, ниту е и европска практика. Така да на тој начин планираме да ја надополниме оваа празнина, вели Филипче.

Тој истакна дека како мерки за задржување на лекарите и медицинскиот кадар е и вработувањето во здравствените инстутиции, за половина година во земјава се вработени 1.200 лица, од кои дел на определено, а дел на неопределено работно време, а како што вели Филипче најголем дел се лекари и медицински кадар, а многу мал дел се во администрацијата.

– Продолжуваме со трендот за зголемување на платите, после зголемувањето на сумата на дежурствата, кои што лекарите ја земаат на крајот на месецот во зависност од институцијата се зголеми меѓу 20 и 40 отсто. Во септември ќе има зголемување на основните плати, а од 1 јануари 2019 година се прават проценките за пресметка на средствата, кои што треба да се инвестираат во зголемување на платите на медицинскиот персонал и кај докторите платите да изнесуваат 100.000 денари, вели Филипче.

Тој посочи дека Министерство инвестира и во едукацијата на лекарите, со тоа што екипи од неколку универзитети од странство веќе почнале да доаѓаат до Македонија.

Министерот за здравство верува дека овие мерки ќе дадат резултати за да се задржи медицинскиот кадар во земјава.