Од февруари ново зголемување на платите во здравството најави министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција. Тој рече дека со новите зголемувања ќе бидат достигнати историски рекордно високи примања на здравствените работници.

– Би сакал да истакнам дека, платата на еден лекар специјалист на некои клиники веќе сега достигнува 100.000 денари. Од февруари платата на лекарите специјалисти со дежурства на клиниките ќе надминува 100.000 денари, а во општите болници ќе биде приближно 100.000 денари – нагласи министерот.

Тој додаде дека се зголемени и процентите за исплата на дежурства на здравствените работници.

„Дежурствата во работен ден и дежурствата за викенд и празник се зголемени два, односно до три пати, а од февруари ќе бидат четири односно пет пати, со што дежурствата кои што порано се плаќаа 2.500 денари ќе се плаќаат помеѓу 8.000 и 10.000 денари. Исто така, за 15% или 8 денари го зголемивме и капитациониот бод на матични лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија. Реформата на примарната здравствена заштита е важна за лекарите и пациентите. Примарните лекари кои што имаат 1.000 пациенти примаат околу 8.000 денари повеќе, а лекарите со 3.000 пациенти примаат 16.000 денари повеќе. Тоа значајно ја олеснува нивната работа и го зголемува квалитетот на здравствената услуга кон пациентите“, рече министерот.

Во изминативе две години, додаде Филипче, дадовме и повеќе од 5.000 согласности за вработување во здравствените установи.