Министерот за здравство Венко Филипче и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска учествуваа на одбележувањето на Светскиот ден на населението, преку дискусија на тема „Обмислени лидерски разговори за Меѓународна конференција за население и развој (ICPD) – Што се променило во последните 25 години?“, во организација на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.

Во своето обраќање, министерот Филипче потенцираше дека за првпат во 2010 година е донесена првата Национална стратегија за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) за период 2010-2020 година, која ги дефинираше приоритетите за сексуалното и репродуктивно здравје, односно како да ги планира, мобилизира и координира ресурсите неопходни за ефективна акција базирани на четири главни принципи: човекови права, родова еднаквост, мултисекторски пристап и вклученост на заедниците.

-Со цел имплементација на Националната стратегија, во 2016 година, од Министерството за здравство со поддршка на УНФПА – Фонд за население при Обединетите нации, беше спроведена проценка на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје, и согласно извештајот од националната проценка во текот на 2017 беа спроведени серија од консултативни работилници со разни чинители во државата и за првпат се подготви Акциски план за имплементација периодот 2018 – 2020“- рече Филипче.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, потенцираше дека родовата еднаквост е неопходна за воспоставување одржлив развој и само ако секој има еднакви права и еднакво учество во општеството можеме сите заедно да одиме напред.

-Родовата еднаквост е една од развојните цели на Обединетите нации, што значи дека е светски препознаена како клучна алатка за општествен напредок. Унапредувањето на правата на жените во ниту една земја не се завршена работа, ниту во нашата. Новите закони за социјална заштита и за недискриминација се историски исчекор во унапредувањето на заштитата подеднакво на сите граѓани и граѓанки, и продолжуваме да работиме понатаму. Министерството за труд и социјална политика направи повеќе чекори со кои се подобрува положбата на жените во општеството. Ја ратификувавме Истанбулската конвенција, а во фаза сме на изработка и на нов закон за кој ги опфаќа сите форми на насилство врз жените- изјави министерката.

Во своето обраќање, таа додаде дека за да ја имплементираме конвенцијата истовремено се развиваат и услуги. Постои кризен центар во Скопје со престој 24/48 часа, но дополнително ќе се развиваат советувалишта и засолништа директно да влијаат на заштитата на жртвите и нивна ресоцијализација и реинтеграција во општеството.

До крајот на годината предвидено е отворање на специјализирани сервиси во 5 плански региони на територијата на државата, а во скопскиот регион, се прошируваат леглата за згрижување/сместување на жртвите на насилство.