Изненаден сум од изјавата на претседателот Пендаровски, сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Неговата реакција следува откако претседателот по завршувањето на седницата на Советот за безбедност изјави дека вакцинацијата на граѓаните во соседна Србија, во текот на викендов, била срам за нашата држава.

– Такви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија, се разбира, но тоа беше срам за нашата држава. Државата мора да најде начин тука да им пружи здравствена грижа на своите граѓани – рече Пендаровски.

Меѓутоа, Филипче вели дека покрај наши граѓани, во Србија се вакцинирале и граѓани на други соседните земји, па сепак, како што посочува министерот, ниеден друг претседател не рекол дека е тоа срам за неговата земја.

– Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре. Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана – посочува министерот за здравство.