Неразбирливи се ставовите на Владиката Петар, а уште помалку реториката со која ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници. Ваков е ставот на министерот за здравство, Венко Филипче по изјавата на Владиката Петар дека заразата не се шири преку причестувањето, а луѓето што не се во црквата не треба да се мешаат во црковните работи.

Филипче порача дека Владиката како верски авторитет треба да биде пример во заштита на здравјето на граѓаните.

– Вие први не треба да дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени верски обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки прилагодувајќи ги обичаите, вие го правите спротивното. Моите лични напори да обезбедиме дијалог и заеднички став за тоа како да го заштитиме населението за време на празниците очигледно за вас ништо не значат. Сакам да ве потсетам дека во соработка со верските заедници, предложивме протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот – напиша Филипче на социјалните мрежи.

Според министерот, крајно разочарувачки е игнорантскиот однос кон владините обиди за соработка со верските заедници. Филипче додава дека битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира. Апелира граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита.