Министерот за здравство Венко Филипче, утрово го посети пациентот, на кој синоќа успешно му беше трансплантирано срце од починат донор.

На државната Клиника за кардиохирургија синоќа беше изведена првата кадаверична трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор.

– Трансплантацијата е успешна. Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта. Би сакале најпрво да се заблагодариме на семејството на донорот. Да се донесе одлука да се даруваат органи во моментот кога го губите саканиот, е многу тешко и за тоа е потребна голема сила и хуманост. Би сакал да им се заблагодарам на лекарите од јавното и приватно здравство, медицинските сестри, координаторите и сите оние кои тимски ја направија трансплантацијата. Ова е огромен успех за македонското здравство – порача министерот Филипче.

Од Министерството за здравство информираат дека оперативниот зафат траел шест часа, а во 2 часот срцето било успешно трансплантирано во телото на 54-годишниот пациент.

Двата бубрега од истиот донор во моментов се трансплантираат на Клиниката за урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години биле на дијализа.

Од ресорното министерство појаснуваат дека пациентите кои ги добија органите биле избрани од Националните листи за чекање за срце и бубрези според медицински утврдени криетриуми за совпаѓање.