По посетата на Клиничката болница во Тетово, министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека во неа како регионален медицински центар, во изминативе две години реализирани се значајни инвестиции за унапредување на условите за третман на пациентите.

– Извршено е реновирање на инфективното одделение, како и реконструкција на интернистичкиот, хируршкиот блок и лабораторијата, со што значително се подобрени инфраструктурните услови во оваа јавна здравствена установа – изјави министерот.

Во делот на новата медицинска опрема, тој напомена дека минатата година е набавена комплетно нова опрема за лапароскопија, 12-канален ЕКГ апарат, фитотерапевтска лампа, ортопедски продолжен уред за операционен стол, апарат за електрохируршки генератор, 2 лабораториски центрифуги, како и транспортни колички за бебиња.

Посочи дека во оваа јавна здравствена установа истовремено значително се зајакнати и човечките ресурси.

– Во изминатиот период, реализирани се 109 вработувања на неопределено време, 45 се ангажирани со договор на дело и во тек се 24 вработувања со преземање. Вкупниот број на вработени е 791, со што значително, за 15% го зголемивме капацитетот со човечки капитал во здравствената установа. Здравствените работници имаат зголемени плати, им овозможуваме достоинствени услови за работа – рече Филипче.

Клиничката болница во Тетово е една од 34 здравствени установи, кои се опфатени со процесот за унапредување на условите на јавните здравствени установи од аспект на инфраструктура, информираат од Министерството за здравство.