Далеку од реалноста или не, анализата нуди можност да се види во кој правец одат размислувањата на западните аналитичари во поглед на можноста за започнување трета светска војна. Многу е интересен заклучокот од истражувањето и анализата, а тоа е всушност дека „нема причини да се верува дека досегашниот период на долг мир ќе опстане трајно, бидејќи историските обрасци на војната опоменуваат дека долгиот мир може да биде значително понежен наспроти настојувањата да се идентификуваат механизмите што ја намалуваат веројатноста за меѓудржавни судири“…

Изминуваат нешто повеќе од седум децении од последната голема светска војна. Сепак, катастрофалните последици што до денес се чувствуваат не се доволни човештвото да ја надмине дури и помислата на таквото ниво на судир. Уште повеќе, многу центри на моќ сѐ уште во своите планови имаат разработени сценарија на глобален вооружен судир. Преку медиумите сѐ почесто се пласираат тези за приближување кон глобална катастрофа, можна трета светска војна, која би значела крај на цивилизацијата каква што ја познаваме. И аналитичарите се поделени околу ова прашање.

Сериозни истражувања и загрижувачки заклучоци

Научникот на универзитетот „Колорадо“, Арон Клозе, се обидува да истражи дали како човештво сме тргнале кон нов голем глобален судир или „долгиот мир“е всушност нашата иднина. За да дојде до релевантни резултати, Клозе користел информации од службените бази на податоци за војните што се однесуваат на 95 меѓународни судири од 1823 до 2003 година. Според податоците, од 1945 година имало релативно малку големи меѓудржавни војни, особено во споредба со претходните 30 години, кога човештвото се соочи со ужасите на две светски војни.

Меѓутоа, овој контекст на меѓународната стабилност, кој понекогаш се нарекува и „долг мир“, според авторот, е многу контроверзен. Во своите истражувања тој дошол до заклучок дека нема причини да се верува дека досегашниот период на „долг мир“ ќе опстане трајно, бидејќи историските обрасци на војната опоменуваат дека „долгиот мир“ може да биде значително понежен наспроти настојувањата да се идентификуваат механизмите што ја намалуваат веројатноста за меѓудржавни судири.

Уште една студија опоменува на опасноста од катастрофа со глобални размери.

Нејзиниот автор, Нафиз Ахмед, ја анализира работната студија на професорот на Универзитетот во Виена, Герхард Ханапи, објавена на почетокот од годинава, во која овој угледен економист тврди дека глобалната економија уште од финансиската криза во 2008 постепено се оддалечува од моделот на „интегриран капитализам“, насочувајќи се кон „дезинтегрираниот“. Тоа поместување е обележано со трендови речиси еднакви на оние што им претходеа на Првата и на Втората светска војна.

Под „интегриран капитализам“ Ханапи ја подразбира економијата на 20 век, која се темели на мултилатеризам, поточно на периодот на трговски договори. Најважните светски економии беа во постојана состојба на трговски преговори, заклучувајќи ги двата најголеми глобални мултилатерални договори: Општиот договор за тарифи и трговија (ГАТТ) и договорот за основање на Светската трговска организација (СТО).

Тој смета дека распаѓањето на меѓународните институции и трговските договори ги следат многу загрижувачки трендови, многу слични на оние што се развија пред двете големи војни. Како клучни елементи дека светот се наоѓа на многу лизгав терен, па се движи кон нов глобален судир, тој ги смета: новата глобална трка во вооружување и драстичното зголемување на воените буџети на САД и сојузниците, како и на Русија и на Кина; фактот дека либералните демократии добиваат облик на авторитарни полициски држави; јакнење на геополитичката напнатост во дел од светот меѓу големите сили, повторното појавување на популистичките режими и на „левата“ и на „десната“ страна; слабеење на воспоставените глобални институции што управуваат со транснационалниот капитализам; немилосрдното ширење на глобалната нееднаквост итн.

Глобализмот – суштински фактор за генерирање глобален судир

Значи, овој систем на „интегриран капитализам“, според Ханапи, сега влегува во период на дезинтеграција. Имено, воспоставениот систем (или меѓународниот економски поредок) со децении ѝ овозможуваше на западната средна класа, преку концептот на држава на благосостојба, да ужива во плодовите на глобалната поделба на трудот. Меѓутоа, истовремено, меѓународните тензии подмолно се ширеа низ транснационалната управувачка рамка и низ договорите за регулација на капиталот.

По финансиската криза во 2008 година, статусот на средната класа, особено на работништвото, во западните, многу богати земји, почна рапидно да се влошува. Сѐ поголемиот јаз меѓу супербогатите и мнозинството граѓани, кои едвај врзуваат крај со крај, силно влијаеја на враќањето кон национализмот во кој глобалните и транснационалните структури се отфрлени, а странскиот капитал демонизиран.

Додека „интегрираниот капитализам“ зависеше од транснационалната институциска рамка, која допушташе „стабилна експлоатација на национално ниво“, „дезинтеграцискиот капитал“ воспоставува нови хиерархиски подредености на вработените, кои се разликуваат кога станува збор за САД, Русија или Кина, тврди авторот.

Три можни сценарија на новиот глобален судир

Ханапи ги истражува трите можни сценарија за развој на новиот глобален судир. Во фокусот се трите најистакнати воени сили – САД, Русија и Кина. Од завршувањето на Студената војна, сите три земји значително ги зголемија воените буџети, а со тоа и воената потрошувачка. Меѓутоа, она што го загрижува авторот е фактот дека сите три држави истовремено доживеаја и авторитарен пресврт. Потпирајќи се на теоријата на игрите, Ханапи заклучува дека во глобалниот судир ниту едната од нив не би можела да победи, што може да влијае на промената на перцепцијата на лидерите на тие земји (откажување од глобален судир).

Се засилуваат знаците на засилена тензија, кои би можеле да избијат целосно случајно или неочекувано, па да прераснат во глобален судир, кој, всушност, никој не го сака. Американско-кинеската трговска војна ескалира, двете влади се судираат околу технолошките тајни, па го зголемуваат своето присуство во Јужно Кинеско Море. Трупањето оружје од страна на САД (НАТО), јакнењето на американската морнарица и воздухопловството, укажуваат на подготовки за големиот потенцијален судир со Кина или Русија.

Второто сценарио на Ханапи ја истражува можноста од низа „мали“ граѓански војни или внатрешни судири во многу земји. Таквото сценарио се темели на анализата на повторниот раст и јакнење на десничарскиот, како и на левиот популизам. Двата облика на популизам – понекогаш имплицитно, понекогаш експлицитно – се однесуваат на минатиот историски национален државен облик на кој сакаат да се вратат, тврди авторот.

Третото сценарио се однесува на глобалниот бунт на сиромашните, па е речиси идентичен со низата студии, кои предвидуваат дека светот во годините што доаѓаат веројатно ќе се соочи со низа супернапнати „пандемии“ во облик на „антиимперијалистички движења“ или „движења за независност“, како и со бунтовите поврзани со двете посебни идеологии – марксизмот и исламизмот.

И конечно, Ханапи смета дека комбинацијата на овие три сценарија ја прави уверлива опцијата за можно избивање глобален судир. Во тој контекст трета светска војна сигурно ќе се случи. За да се спречи таквата катаклизма, авторот сугерира усвојување делотворни контрастратегии, како што е глобалното мировно движење.

Неговиот концепт на „дезинтегрирачки или распаѓачки капитализам“, кој ја донесува зголемената склоност кон насилни судири, добро се согласува со поширокиот еколошки концепт на цивилизациско пропаѓање истражуван во неодамнешниот труд на американскиот географ д-р Стефани Вејкфилд. Во оваа нова фаза постои паралела помеѓу ескалацијата на еколошките кризи и интензивирањето на политичките нарушувања.

Што и да се случи од сето ова, крајот не е близу – како човештво стоиме на непознат простор на новиот почеток, заклучи Нафиз Ахмед, кој во својата анализа ги претстави размислувањата на цитираните автори.
Н.М.