Во периодот од 2008 до 2016 година во Македонија се случиле вкупно 70 убиства на жени. Со оглед на тоа што институциите не препознаваат податоци за фемицид, бидејќи не е дефиниран како посебно кривично дело и не е инкорпориран во Кривичниот законик, идентификувани се 54 жртви, а во 51 случај има основа за фемицид. Пристап до судските предмети е добиен за 34 од тие случаи, при што утврдено е дека 28 од нив биле фемицид или убиство на жената затоа што е жена.

Ова се заклучоците од Аналиата на случаи на фемициди – убиства на жени во Република Македонија изработена од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со техничка и финансиска поддршка од УНДП, која беше презентирана денеска од директорката на мрежата Елена Димушевска.

На презентацијата присуствуваа минстерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и резидентниот координатор на ОН и претставник на УНДП Луиза Винтон.

Директорката на мрежата Елена Димушевска посочи дека повеќе од 80 отсто од жртвите во земјава се убиени од страна на интимни партнери, без разлика дали е сегашен или поранешен, дали живеат во брачна или вонбрачна заедница или биле само во врска, а немале заедничко живеалиште.

Останатиот дел, додава таа, се убиени од други блиски членови на семејството, како браќа и татковци, секако машки членови на семејството.

-Анализата покажа дека жените во Македонија можат да бидат заштитени. Сите овие убиства можеле да бидат превенирани, барем поголемиот дел, доколку се постапело соодветно и се пријавеле во соодветната инстутиција. Поголемиот дел од убиствата се извршени со пиштоли, кои во најголемиот дел не биле легално поседувани, нагласи Димушевска.

Таа додаде дека друг загрижувачки податок е што поголемиот дел од убиствата се случиле во домот на жртвата, доколку живеела заедно со партнерот, со сторителот на убиството или доколку се водел процес на развод и не живееле заедно се случил во нејзиното ново живеалиште, во домот на родителите или во нејзиниот нов дом, доколку живеела сама.

Мошне е загрижувачки фактот, нагласи Димушевска, што жената всушност е најнебезбедна во својот дом.

-Жените се убиваат во нивните домови, каде треба да бидат најбезбедни и се убивааат од страна на лица, членови на нивното семејство, нивните партнери, кои треба да ги заштитат, тоа е многу загрижувачки податок, вели Димушевска.

Царовска потсети дека Македонија веќе ја ратификувала Истанбулската конвенција и изработен е оперативен план за нејзино имплементирање, со конкретни чекори и мерки за секоја институција.

-Ова не е прашање на само една институција, ова е прашање за сите институции и за сите граѓани. Потребно е во заедничка соработка и комунијкација да го превенираме овој феномен, рече Царовска и додаде дека е важно сите надлежни во наредниот период да работат на измена на Кривичниот законик и дефинирањето на фемицидот како посебно кривично дело. Додаде дека во оваа насока е потребен и посебен закон за родово базирано насилство.

-Институциите, центрите за социјална работа, здравствените установи и полициските станици навистина мора детално да го разгледуваат секој случај. Ги јакнеме центрите да водат цасе менагмент, но исто така и четирите шелтер центри за семејно насилство, кои беа заборавени и уништени ги ревоспоставивме и сега функционираат 24 часа, достапни за секој. Со МВР и Министерството за здравство воспоставивме посебен сервис за детекција на сексуално насилство – во Тетово, Куманово и Скопје и се отвори шелтер центар за жртви на сексуално насилство нешто што во Македонија досега не постоеше, додаде министерката Царовска.

Винтон истакна дека со оваа анализа се покажало дека речиси секој фемицид можел да биде превениран од соодветните институции.

-Ова не се злосторство од страст, каде страста излегла од контрола, ова се криминални кои имаат долга историја на насилство и еден од најважните принципи од Истанбулската конвенција е дека ако државата не дејствувала соодветно за да спречи некое насилство да се случи, тогаш одговорноста за тоа насилство не паѓа само врз сторителот, туку и на самата држава, рече Винтон,

Упати апел до медиумите да не ги романтизираат или сентиментализираат овие случаи, туку да ги прикажат како нешто што се случува како рефлексија на родовата нееднаквост и насилството врз жените во државата.

-Семејното насилство, особено од аспект на насилството мотивирано од родова омраза, односно родовата побуда како мотив, како проблем е многу повеќе од статистички бројки. Наша обврска е да изградиме општество кое ќе ја штити жената како столб на семејството, рече министерот Спасовски на денешната промоција.

Истакна дека е потребно фемицидот да се дефинира како кривично дело, нагласувајќи дека фемицидот тргнува од премисата за злосторство врз жената само заради тоа што е жена.

-Очигледно е дека мора да дојде го измени во Кривичниот законик, каде ќе се дефинира ова дело како кривично правна материја со цел да можат институциите да постапуваат. Но многу важно е да креираме систем на превенција, како да се вклучиме сите институции, да ги активираме невладините, медиумите, да ја јакнеме сеста кај граѓаните, рече тој.

Министерот Спасовски додаде дека за законските измени е задолжени Министерството за правда и додаде дека се очекува наредниот период тие да бидат доставени во Собранието. ац/сд/