Фото: Маја Јаневска-Илиева

Надлежните институции информираат дека се преземаат соодветни мерки да се заштитат граѓаните од несаканите трошоци што настанале од илјадниците повици од неидентификувани броеви. Ваквата појава на мистериозни повици од непознати броеви, која некои ја окарактеризираа и како хибридна војна против државата, предизвикува и чувство на вознемиреност кај македонските граѓани

Илјадници повици од неидентификувани броеви од странство кон корисниците на телекомуникациските мрежи во државава вчера ги вознемирија и загрижија македонските граѓаните. Сомнителните повици за кои граѓаните алармираа на социјалните мрежи најчесто биле со префиксот +881, кој не е евидентиран како повикувачки број од ниту една држава. Според тврдењата на граѓаните на кои непознатиот повикувач од странство им заѕвонил на нивниот телефон, на овој начин не само што се финансиски оштетени со одземени пари од нивната сметка туку тоа кај нив предизвикало и непријатно чувство на нејаснотии, страв и неизвесност. Дали се работи за некаква телефонска измама или, пак, за евентуален хакерски напад врз телекомуникациските системи во државава, кој го прави тоа и со каква цел? Во таа насока нашиот весник побара одговори од релевантните институции и телекомуникациски оператори на прашањето за што точно станува збор и како да се превенира оваа необична појава, која вознемири и оштети некои граѓани.
Од Министерството за внатрешни работи за „Нова Македонија“ ни соопштија дека Секторот за компјутерски криминал е запознаен со оваа појава и веќе презема соодветни мерки.
– МВР, односно Секторот за компјутерски криминал, е запознаен со оваа појава и е остварен контакт со сервис-провајдерите за укажување и превенција за заштита на граѓаните. Во исто време информираме дека во делот на квалитетот на услугите што ги нудат провајдерите и заштитата на граѓаните, одговорни се исклучиво провајдерите – информираа од полицијата.

Се обидовме да добиеме одговор и од „Македонски телеком“, мрежата на која вчера најмногу беа регистрирани ваквите дојдовни повици според тврдењата на граѓаните. Оттаму ни соопштија дека компанијата прави сѐ да се заштитат граѓаните и нејзините корисници од несаканите трошоци што настанале од непостојните броеви.
– „Македонски телеком“ ја информира јавноста дека во текот на вчерашниот ден се регистрирани повици од непознати дестинации кон наши корисници, чија цел е да се генерира непотребен сообраќај. За да ги заштитиме корисниците од несакани трошоци, компанијата веднаш презеде безбедносни мерки, ги блокира непознатите броеви и го оневозможи избирањето кон овие дестинации. Апелираме корисниците постојано да бидат претпазливи и да не одговараат на пропуштени повици од непознати броеви, за да се избегнат злоупотреби и дополнителни непредвидени трошоци – ни соопштија од „Македонски телеком“.

Компанијата дополнително нагласува дали станува збор за хакерски напад или, пак, некаква друга безбедносна закана по телекомуникациската мрежа.
Во врска со случајот, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Сашо Димитријовски, советува граѓаните да не одговараат на таквите повици што се регистрирани од корисници на двата мобилни оператора „Македонски телеком“ и А1. Димитријоски најави дека службите на АЕК во периодот што следува ќе одржат состанок со мобилните оператори и дека наскоро на веб-страницата на АЕК ќе биде објавено соопштение со конкретни насоки.
– Ова се злоупотреби што се случувале и во минатото, вакви јавувања имаше и минатата година. Совет до граѓаните е да не се јавуваат, а операторите ги регистрираат броевите, ги блокираат и повиците од нив ќе престанат во текот на денов – изјави Димитријоски.

Во меѓувреме граѓаните на социјалните мрежи меѓусебно се предупредуваа да не се одговара на повиците, кои пристигнуваат со засилен интензитет во последниов период. Во исто време, во коментарите на друштвените мрежи тие се предупредуваат да не одговараат на повиците, бидејќи телефонските сметки ќе им пораснат драстично.

Непознат повикувач од странство ѕвони на телефони
Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]