Ученици од ООУ„Д-р Владимир Полежиноски“ од Кичево, во рамки на активноста Отворен кабинет денеска го посетија кабинетот на претседателот Стево Пендаровски .

За време на посетата на кабинетот, учениците имаа можност да се сретнат и лично да поразговараат со претседателот Пендаровски, да се информираат за неговите надлежности, да присуствуваат во просториите во коишто се одвиваат официјалните и работните средби, како и во салите во коишто се организираат свечености, состаноци, настани и прес-конференции. Посетителите се сретнаа и со дел од вработените во кабинетот и беа запознаени со историјатот на Вила Водно, со дел од активностите, и со начинот на функционирање на оваа институција.

Учениците од ООУ „Д-р Владимир Полежиноски“ имаа можност да присуствуваат и на церемонијата за промена на државното знаме на платото во кабинетот на претседателот, извршена од припадниците на Баталјонот за почести и опслужување на Армијата, што се одржува со цел подигнување на чувството и почитта кон знамето, како репрезент и симбол на државноста на нашата земја.

Денешниот настан е дел од проектот Лице в лице со претседателот, со кој се реализираат директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Сите заинтересирани граѓани и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот http://pretsedatel.mk/?page_id=3016 ќе имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи, предлози и сугестии, како и да присуствуваат на настани од јавен карактер коишто ќе бидат реализирани во кабинетот.