Учениците од Централното основно училиште „Христо Узунов“ од Другово имаа ретка можност да се запознаат со работата на првиот дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“, но и со професијата новинар, во рамки на воннаставната активност на тема „Средба со новинар“.

Средбата се реализираше на платформата Зум, а притоа 36 ученици од осмо и деветто одделение имаа можност да разговараат со новинарот на „Нова Македонија“, Марјан Велевски, и барем на кратко да ги заменат местата, па овојпат тие се најдоа во улога на новинари имаа бројни интересни прашања. Учениците покажаа големо интересирање за работата на новинарите како и на весникот, а поради ограниченото време некои прашања останаа неодговорени.

Во видео-конференцијата беа вклучени и претставници од Бирото за развој на образованието и од Македонскиот центар за граѓанско образование, а покрај учениците беа и нивните одделенските раководители. Организатори на настанот беа наставничката по историја и граѓанско образование Виолета Петкоска и наставникот по информатика Александар Трајаноски.

На крајот, во знак на благодарност за убавиот настан, учениците добија покана кога ќе се создадат услови да ја посетат Редакцијата на „Нова Македонија“.