Протести пред средното медицинско училиште во Скопје

Десетици ученици и нивни родители денеска протестираа пред зградата на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов”, затоа што одбиваа да влезат на квалификациски испит кој е услов за упис во училиштето.

„Кој ќе влезе да полага, срам да му е”, „Сакаме правда” извикуваа тие во знак на револт, бидејќи одбиваат да го полагаат квалификацискиот испит кој е потребен за упис во училиштето. Сепак, откако се смири ситуацијата, учениците почнаа еден по еден да влегуваат во училниците на полагање.

Ова е единственото училиште во Скопје во кое треба да има селекција на кандидатите, бидејќи за 102 слободни места за смерот медоцинска сестра, се пријавиле 164 кандидати.

– Ова нема никаква смисла. На децата им се дадени само два дена да го научат целиот материјал по хемија и по биологија. Тоа не е возможно да се случи. Нема да ги пуштиме да полагаат. Бараме да си го решат проблемот на тој начин што ќе отворат уште една паралелка за да има место за сите – вели Фисник Керими, татко на деветтоодделенка.

Учениците, пред да влезат на полагање, коментираа дека се незадоволни од тоа што многу малку време имале да учат, па затоа одбиваат да полагаат испит.

Инаку, сите 164 кандидати ги имаат исполнето условите за да се запишат во ова училиште, односно имаат просек 5,0 и максимални 75 бодови. Учениците и годинава можеа да се пријават за насоките стоматолог, медицинска сестра, лаборант и фармацевт.

Во минатото, во ова училиште речиси секогаш имало вакви проблеми при уписот на нови ученици. Властите го решаваа со тоа што на крајот отвораа нови паралелки.

Директорката Маја Салиу, потсетува дека конкурсот јасно определува кои се кртериумите и роковите за вакво квалификациско тестирање, а тој е објавен уште во април.

– Ако за одредена насока има поголем број на кандидати со ист број на поени, се врши квалификациско тестирање. Во склоп на конкурот, најавено е ако се случи тоа, ќе се спроведе вакво тестирање по предметите биологија и хемија и тоа на 22 јуни во 10 часот. Министерството за образование и наука ги диктира правилата, Бирото за развој на образованието ги прави тестовите, а ние како училиште имаме обврска тоа тестирање да го реализираме – вели Салиу за „Нова Македонија”.

Минатата недела, во деновите кога траеја уписите, овде строго се почитуваше протокол за заштита од коронавирус. Поставени беа ленти, знаци кои служеа за да се насочуваат луѓето кои доаѓаа во училиштето, документи се поднесуваа на дистанца, а на неколку места имеше средства за дезинфекција на раце и чевли. И денеска имаше ленти, но беа искинати од толпата која протестираше. Протестирачите носеа маски, но не се почитуваше правилото за одржување на потребната дистанца.