Учебната година ќе почне на први септември, но нема одлука дали ќе биде со физичко присуство.

Од Министерството за образование и наука информираат дека досега од вкупно 31.447 лица вработени во училиштата, вакцинирани се околу 60 отсто и апелираат наставниот и останатиот кадар во училиштата да се вакцинира.

Што се однесува до тоа како ќе се одвива наставата, од МОН повторуваат дека има три сценарија.

– За непречен почеток на новата учебна година системот за образование е подготвен за три сценарија кои се усвоени на владина седница. Првото за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021 која што се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн-настава и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање – велат од МОН.

Од таму наведуваат дека кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести.