Притисокот врз Македонија од еден сосед што е против членство во меѓународна организација на друг сосед, во политичките кругови се толкува како
„крајно непринципиелен“, при што се нагласува дека односите меѓу Белград и Приштина не смеат да се „решаваат“ преку грбот на Македонија

Од тоа како Македонија се изјасни за приемот на Косово во Интерпол, ќе зависи по каква линија ќе се движат односите Белград – Скопје. Вакви се некои од коментарите на домашните познавачи на состојбите во однос на последните меѓусоседски тензии на Балканот, кои излегоа на виделина откако Македонија и Црна Гора, но и другите земји од регионот гласаа за членство на Косово во Интерпол. Иако новата македонска влада од почетокот на својот мандат ја декларираше намерата за градење добри и пријателски односи со сите соседи без исклучок, а во таа насока веќе спроведе и конкретни чекори во односите со некои од нив меѓу кои со Бугарија и со Грција, се чини дека секогаш кога не се оди докрај по волјата на раководствата на соседните земји, настануваат проблеми.

Од тој аспект, притисокот врз Македонија од еден сосед што е против членство во меѓународна организација на друг сосед, во политичките кругови во исто време се толкува како „крајно непринципиелен“, со став дека односите меѓу Белград и Приштина не смеат да се „решаваат“ преку грбот на Македонија. Размислувањата одат дотаму оти балканското меѓудржавно помирување функционира единствено на хартија и пред очите на Брисел, но не и во реалноста. Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски вели дека по ваквиот развој на случувањата со Интерпол, логично е да се заострат односите на Србија со земјите што го поддржаа Косово во обидите да стане членка на Интерпол.

– Односите со Србија во никој случај не може да се споредуваат со тие со Грција или со Бугарија, па и со Албанија. Србија иако се колебаше во времето на Милошевиќ сепак покажа позитивни чекори кон Македонија додека не може да се каже истото и за нас кон нив. Ние прекуноќ го признавме Косово, без ништо да побараме за возврат, а за Албанија сѐ уште сме поранешна република, и тоа во најлош момент за Србија. Понатаму во ООН не ја поддржавме Србија кога требаше да оди да бара мислење од Меѓународниот суд во Хаг иако тоа беше техничко прашање и ја поддржа Велика Британија. Имаше и други такви случаи како и сега околу Интерпол и логично е Србија да ни враќа. Билатералните односи секогаш се базирани на реципроцитет и ако тоа го нема, тие страдаат. Очигледно е дека Црна Гора и Македонија во однос на Србија се играчка во западни раце и ги реализираат пред сѐ албанските интереси. За нив мора да се води сметка, но мора и да има мерка бидејќи покрај нив има и национални и државни интереси. Неоспорно е дека односите со Белград ќе бидат заострени во блиска иднина – вели Никовски.

Анализирајќи ги најновите тензии на Балканот поради обидот на Косово да стане полноправна членка на Интерпол, политичкиот аналитичар Димитар Димов вели дека не треба да се прави голема драма околу сето ова. Тој е со став дека ние како и други 100 држави од светот го признавме Косово како независна држава и оттаму сегашните одлуки со сите соседи треба да се влечат во согласност со таа одлука, односно да се има предвид дека и едната и другата страна се чувствителни. Според него, најдобро е во некои ставови Македонија да биде воздржана бидејќи единствено така ќе може да се избегнат несаканите последици од чекорите што ги влечеме во надворешната политика на земјава.

– Големодржавните национализми на Балканот се доброразработени сценарија, кои во минатото, но и во денешницата, можат да создадат војни. Тој период треба еднаш засекогаш да се надмине во нашите глави и да гледаме регионот заеднички да тргне напред, кога говорам напред мислам на ЕУ, НАТО и на сите други организации, кои ќе влеваат соработка и ќе придонесуваат за подобри меѓудржавни односи. Случајот со Косово и со Србија во кој Македонија е само дежурен виновник, не треба да се зема сериозно, но во исто време треба да се прават консултации и со двете страни за земјава да не си наштети себеси во ниеден случај. Колку е тоа можно не би можел да кажам, но мора да се потрудиме да бидеме мостот на смирување, а не повод за нови разделби и поделби во соседството – заклучува Димов.

Инаку, тензиите во соседството почнаа откако неделава Албанија, Македонија, Црна Гора, Хрватска и Словенија гласаа за прием на Косово во Интерпол. Само БиХ се спротивстави. Ваквата одлука на земјите од регионот предизвика револт кај Белград и остар тон на првите луѓе на Србија кон соседите вклучувајќи ја и Македонија. Прв што повика за реципроцитет во одлуките на Белград кон Македонија беше министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, кој го повика претседателот Александар Вучиќ да ја промени својата политика кон Црна Гора и Македонија по гласањето за членство на Косово во Интерпол, притоа нарекувајќи нѐ Северна Македонија.
– Го повикувам претседателот Вучиќ да го промени ставот кон Црна Гора и Северна Македонија и да им покаже дека пријателството со Србија мора да се заслужи – се вели во соопштението на Вулин.

Тој додаде дека „Црна Гора и Северна Македонија на собранието на Интерпол го поддржаа влегувањето на косовските наркокартели во полициската организација“ и дека „застанаа на страната на Косово свесни дека со тоа ја навредуваат Србија“.
– Не гласаа Црна Гора и Северна Македонија за Косово, тие гласаа против Србија. Нивните гласови не ја сменија одлуката на собранието на Интерпол, но треба да го сменат односот на Србија кон нив. Претседателот Вучиќ во владите на Црна Гора и на Северна Македонија нема искрени соговорници, а Србија нема пријатели – порача Вулин.

Инаку, ова не се први тензии во односите на Белград со Скопје. Слична реакција на Србија имаше и по гласањето за влез на Косово во УНЕСКО. И тогаш беа разменети остри тонови во комуникацијата меѓу министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, и нашиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров.