По час и половина во обид да се изгласаат законите од 32. седница за да се започне 36. седница на која треба да се гласа пакетот економски мерки, собранискиот спикер Талат Џафери ја затвори седницата.

Тој на крајот на пратениците им кажа дека утре ќе има состанок со останатите потпретседатели на Собранието, со кои ќе разговара за евентуално воведување на карантин за Собранието. Тој не објасни што треба да значи тоа и колку ќе трае, а се побунија пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Џафери на тоа им кажа да влезат да се заврши 32. седница, но тие одбија.

– Очигледно како што одат вака бројките на инфекцијата, веројатно утре на седница на претседателството на Собранието, ќе биде точка на дневен ред и за карантин на Собранието. Мора да објавиме карантин – рече Џафери на крајот од седницата.

Кога ќе продолжи започнатата 32. седница на која треба да се гласаат десетина закони, не е познато. Џафери рече дека дополнително ќе извести и за закажување на 36. седница каде се и законите за пакетот економски мерки.

Претходно, Џафери се изнервира и им се развика на пратениците. Тој ги праша: „Што мислите, јас јадам салама? Па јас раководам со институција, не работам во кладилница. За што ве плаќаме? За што добивате патни трошоци? Процедури и рокови има“.

На уште непочната седница, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и собранискиот спикер Талат Џафери се скараа поради доцнењето на седницата. Мицевски го обвини Џафери дека од Собранието прави театар, а претседателот, пак, врати дека четири години се бори за институтот пратеник.

Опозицијата излезе од салата, а Собранието немаше кворум за да се изгласаат законите. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тие ќе влезат кога на ред ќе дојде 36. седница, на која се и економските мерки.