Утврдени се пропусти во спроведувањето на добрата хигиенска пракса во продавницата „Специјал“ во центарот на Скопје, покажаа инспекциските контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Како што изјави за МИА директорот на АХВ Зоран Атанасов, дуќанот нема да се затвори, изречена е само корективна мерка-едукација. Ако во некои следни контроли повторно се утврди каков било пропуст, ќе следува парична казна.  

Според Атансов, направени се и во други пекари на „Специјал“ кои покажале помали пропусти во спроведувањето на добрата хигиенска пракса. 

– Во тек се контроли и на околните продавници за храна за да се утврди дали ги почитуваат принципите на хигиенска пракса и дали редовно ги спроведуваат пропишаните мерки за уништување глодари. Доколку се утврди дека е така, а има нови појави на глувци или стаорци, АХВ ќе го алармира Санитарниот  инспекторат за да и наложи на општината да изврши вонредна дератизација – нагласи директорот.

Деновиве на социјалните мрежи беше објавена  фотографија од продавницата на „Специјал“ во центарот на Скопје во која, на една од масите се гледаше стаорец.