Втората трансплантација на срце во Македонија е извршена ноќеска во Клиниката за кардиохирургија, врз момче на возраст од 27 години кое подолго време чекало донор. Пациентот го доби срцето од девојка која загинала во сообраќајка, а чие семејство дало согласност за донирање на нејзините органи.

– Во 3 часот и 33 минути утринава кај 27-годишно момче зачука ново, донирано срце! Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија. Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше – напиша министерот за здравство, Венко Филипче на Фејсбук.

Тој додава дека ова е огромен успех на македонското здравство, кој немало да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загубила животот.

Филипче ноќеска објави дека се одвиваат подготовки за трансплантацијата.

Првата успешна трансплантација на срце од донор беше извршена во мај минатата година од тим на тројца кардиохирурзи.