Владата на Република Македонија на денешната 76-та седница ја усвои Декларацијата за признавање на возачките дозволи помеѓу Македонија и Германија, донесе одлука општините да добиваат средства од приходите од ДДВ и заклучи дека според извештајот за јавниот долг на РМ, лани бројот на вработени се зголемил за 2,4 отсто.

Како што соопшти владината прес-служба, Владата на седницата го разгледала и го усвоила извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Заедничка декларација за намера на македонската Влада, застапувана од македонското Министерство за внатрешни работи и Сојузното Министерство за сообраќај и дигитална инфраструктура на Сојузна Република Германија за процедури за замена на возачките дозволи.

Ова, како што посочуваат од Владата, претставува последна фаза пред потпишување на Декларацијата од страна на двајцата министри, со што таа и официјално би стапила на сила. Возачките дозволи ќе им бидат признаени на полнолетни лица со важечка возачка дозвола, издадена од надлежните органи во Македонија и во Германија и кои имаат законски престој на македонска територија (најмалку 180 дена во една календарска година) или на територијата на Германија (најмалку 185 дена во годината).

Министрите на денешната седница го прифатиле и годишниот извештај на Министерството за финансии за управување со јавниот долг на Република Македонија за 2017-тата година. Според извештајот, јавниот долг на Република Македонија на крајот на 2017 година изнесувал 4.786,9 милиони евра што претставува 47,6 отсто во однос на БДП. Од оваа сума, 3.187,5 милиони евра отпаѓаат на надворешниот, додека 1.599,4 милиони евра на внатрешниот јавен долг.

– Државниот долг на Република Македонија на крајот на 2017 година изнесувал 3.958,5 милиони евра односно 39,3 отсто во однос на БДП. Со ова ниво на државен долг Република Македонија и натаму останува умерено задолжена земја со државен долг кој е далеку понизок од просечното ниво на долг на земјите на ЕУ, кој на крајот на 2017 година изнесувал 81,6 отсто, се наведува во соопштението.

Според годишниот извештај на Министерството за финансии бројот на вработени во 2017 година се зголемил за 2,4 отсто, односно за околу 17 илјади лица споредено со 2016-тата година. Зголемување од 2,6 отсто на номиналната основа и раст од 1,2 отсто на реална основа, лани бележи и просечната нето/бруто-плата.

Владата на седницата го разгледала и го прифатила извештајот за работата на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија во 2017-тата година. Според истиот, бројот на регистрирани осигуреници во декември 2017-та е зголемен за 5.406 осигуреници, во споредба со истиот месец во 2016-тата година. Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, според извештајот, минатата година остварил вкупни приходи во износ од 65.319,96 милиони денари и вкупни расходи во износ од 65.14,94 милиони денари.

Владата ги разгледала финансиските извештаи за работењето на АД МЕПСО во Скопје, во третиот и четвртиот квартал од 2017-тата година. Во периодот од јули до септември АД МЕПСО остварил приходи во вкупен износ од 1.490.218 илјади денари или 24,23 милиони евра и вкупни расходи во износ од 1.019.890 илјади денари или 16,58 милиони евра. Во четвртиот квартал, пак, компанијата остварила вкупен приход од 1.438.989 илјади денари или 23,40 милиони евра и вкупни расходи на износ од 1.241.793 илјади денари или 20,19 милиони евра.

Министрите на седницата го разгледале и конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на Комисија од хартии од вредност на Република Македонија. Во него, меѓу другото, Државниот завод за ревизија констатирал дека во текот на 2016-тата година не е извршено усогласување на актите за внатрешна организација и систематизација на Комисијата со Закон за хартии од вредност, Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, дека биле дадени преголеми права со Колективниот договор склучен со Синдикалната организација при Комисијата, од правата утврдени со одредени закони кои истите ги уредуваат. Ревизијата утврдила и неправилности во начинот на спроведениот попис на средствата и изворите на истите.

На 76-тата седница, Владата ја усвоила Предлог – уредбата за методологијата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2019-тата година.

– Според пресметката којашто ја подготви Министерството за финансии, средствата ќе се распределуваат по следниот модел: фиксен дел во износ од три милиони за сите општини и градот Скопје и променлив дел којшто ќе се распределува според математичка формула – во зависност од бројот на жителите во општината – 65 отсто, во зависност од површината на општината – 27 отсто и според бројот на населени места во општината – 8 отсто, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Распределбата на дотации од ДДВ, како што велат од Владата, ќе се врши од Буџетот на Република Македонија, почнувајќи од први јануари 2019-та година.

Владата на денешната седница го именуваше Димитар Гаќев за в.д. директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, орган во состав на Министерството за транспорт и врски.