Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уписите во средно образование ќе се реализираат преку три пријавувања во текот на следниот месец, почнувајќи од 14 јуни. Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, поточно на 23 август, за што доставуваат доказна документација.

Конкурсот за учебната 2021/2022 година предвидува во 109 средни училишта вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.

Од Министерството за образование и наука велат дека фокусот е ставен на стручното образование, како образование на сегашноста и иднината.