Извештајот на УНЕСКО препорачува Охридскиот регион да биде вклучен во списокот на загрозени светски вредности. Извештајот од околу 100 страници за состојбата во регионот е испратен до сите државни институции во рамките на нејзината надлежност и ја одразува состојбата на теренот со сите пропусти, грешки, како и неисполнети обврски за подобрување.

Според документот, што го објави МИА, властите на централно и на локално ниво не ги исполниле преземените обврски во 2017 година за намалување и елиминирање на идентификуваните закани за заштитеното подрачје. Напротив, дури и се посочуваат примери на продолжување на практиките на постапување спротивно на предупредувањата посочени во Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од 2017 година.

Постојат планови и проекти што не се во согласност со статусот на УНЕСКО и се развиваат. Регистрирани се нови закани поврзани со управувањето со институциите, покрај недоволната примена на законските одредби. Ова доведе до негативни последици во планирањето и развојот, вклучувајќи предлози за мегаломански проекти, што доведе до нарушување на природната и урбаната слика на градот и поширокото заштитено подрачје, со што Охридскиот регион ги исполни условите за вклучување во списокот на загрозени светски вредности на УНЕСКО.

Меѓу проблемите идентификувани во извештајот се прекумерната и неконтролирана урбанизација, доцнењето во работата со дивоградба и на крајбрежјето и во заштитеното урбано подрачје, но и дерогирање на животната средина, нефункционалниот колектор, отсуството депонија за цврст отпад.

Населението исто така нема одговорен однос кон светските културни и природни вредности. Регистрирано е отстранување на отпад на диви депонии, поставување соларни панели на куќи во стариот дел на Охрид, што го нарушува автентичниот изглед, како и поставување урбана опрема и тенди со различен изглед и боја во непосредна близина на културните вредности и спомениците на културата.

Не се поштедени ниту институциите формирани да се грижат за спомениците на културата и природата, се вели во извештајот.

Документот содржи голем број препораки за дејствување, од кои некои треба да се спроведат веднаш, додека на други им се дава рок.

Итно е да се продолжи со процесот на отстранување на дивоградбите од крајбрежјето на езерото, со изготвување регистар на дивоградби во сите општини во регионот и воведување вистински мораториум за градба до донесување на нови одржливи урбанистички планови.

Охрид: За само 18 месеци направивме значајни чекори за зачувување на статусот на УНЕСКО

По објавувањето на извештајот, општина Охрид реагира дека во изминатите 18 месеци континуирано била посветена на заложбите за имплементирање на сите препораки на УНЕСКО и успеала да направи многу значајни чекори за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство, кој го поседува Охридскиот регион.

– Првпат е донесен сеопфатен План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, кој ги има опфатено сите аспекти во делот на управувањето со езерското крајбрежје, урбаните и руралните средини. Беа стопирани штетните проекти за изградба на ски-центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид-Св. Наум. Започна реконструкцијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро и формирано е ново Јавно претпријатие кое е задолжено за контрола на системот на отпадни води. Исто така, првпат е воспоставена платформа за соработка со Република Албанија за заштита на сливот на езерото во двете соседни држави – велат од Општина Охрид.

Потсетуваат на изготвениот Инвентар на бесправно изградени објекти и воведениот времен мораториум за градба на целата територија на општината.

– Првпат по 17 години беа спроведени низа активности за отстранување бесправни градби во делот на крајбрежниот потег и на неколку други локации. Активностите за отстранување на дивоизградените објекти ќе продолжат и во текот на наредниот период. Сите градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети – додаваат од општината.

Оттука велат дека е воспоставен сообраќаен режим во стариот дел на градот, како и воведување постојана пешачка зона на дел од улицата „Кеј Македонија“. Ја споменуваат и Студијата за валоризација на просторот на Студенчишко Блато заради негово прогласување за заштитено подрачје, но и отстранувањето на рекламните билборди и неавтохтони палми.

– Исполнувањето на препораките на УНЕСКО продолжува да биде еден од најважните приоритети на Општина Охрид, а целокупниот процесот за спроведување на активностите, кои се во интерес на зачувување на светското природно и културно наследство, остануваат важен дел од работната агенда на градоначалникот Константин Георгиески и надлежните општински служби – се наведува во соопштението на Општина Охрид