Фото: Архива

Македонија и Албанија ќе мораат да достават до УНЕСКО извештај со реализиран напредок во спроведувањето на активностите посочени во препораките за заштита на Охридскиот Регион, до 1 февруари в година, како држави што управуваат со Охридскиот Регион како светско културно-историско и природно богатство.

Во ревидираните одлуки што ги донесе Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на продолжената 44-та пленарна сесија одржана во Кина, се нотира дека останува отворена опцијата за евентуално поместување на Охридскиот Регион на Листата светски наследства во опасност, доколку на 46-тата сесија на Комитетот на УНЕСКО не бидат анулирани постоечките закани по регионот и неговите исклучителни вредности.

Охридското Езеро го стекна статусот светско природно богатство заштитено од УНЕСКО во 1979 година. Една година подоцна и градот Охрид беше додаден на списокот заштитени културно-историски вредности, со што Охридскиот Регион стана едно од само 38-те мешовити природни и културни подрачја во светот признаени и заштитени од УНЕСКО.