Доколку унгарските власти го прифатат барањето и му одобрат азил на Груевски, според правните експерти, тоа, само по себе, имплицира дека Македонија не може да биде членка во ЕУ, односно земјава ќе се вброи во категоријата несигурни земји

Дали Македонија се соочува со нов предизвик во своите евроатлантски перспективи и има ли ризик државата повторно да биде блокирана однадвор на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО. Токму оваа дилема се отвори деновиве по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и барањето да добие азил во Унгарија, како земја-членка на ЕУ. Доколку унгарските власти го прифатат ваквото барање и му одобрат азил на Груевски, според правните експерти, тоа, само по себе, имплицира дека Македонија не може да биде членка во ЕУ, односно земјава ќе се вброи во категоријата несигурни земји. Кога висок политичар бара азил и наведува дека не се чувствува безбедно, дека врз него се вршат политички прогон и дискриминација, како што наведува Груевски, според правните експертите, тоа се сигнали дека земјата не ги задоволува критериумите за влез во европското семејство.

Ваквиот развој на настаните ја доведува Република Македонија во опасност, по грчкото вето, овој пат да се соочи со унгарско вето на индиректен начин, односно причина за тоа да биде случајот со Груевски и неговото евентуално добивање азил во Унгарија, како членка на ЕУ. Во сублимиран заклучок, експертите познавачи на правото и процесите во ЕУ со кои се консултиравме велат дека доколку властите во Унгарија позитивно одговорат на барањето за азил на Груевски, со тој чин земјата ќе се вброи во групата држави каде што владее правна несигурност, а сето тоа негативно ќе се отслика и на актуелниот скрининг-процес за поглавјето 24, насловено „Правда, слобода и безбедност“, и ќе придонесе да не добиеме препорака за членство во Унијата.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров вели дека хипотетичките случувања поврзани со можноста Никола Груевски да добие азил во Унгарија со сигурност им носат штета на македонските процеси за евроатлантска перспектива во ЕУ и НАТО.
Професорот истакнува дека можноста држава членка на ЕУ и НАТО да му даде азил на македонски политичар, а сето да се случи во време кога се спроведува скрининг-процесот за поглавјето 24, насловено „Правда, слобода и безбедност“, не може да е добра работа.

– Имено, без разлика што станува збор за Унгарија, која е држава што во последно време, како на пример Полска, често е силно критикувана од Брисел и е под постојан притисок за водењето на нејзините политики и дејствувањето на нејзиното правосудство надвор од европските правила, сепак доколку азилот навистина му се даде од Унгарија на Никола Груевски, тогаш со овој чин со сигурност ќе ѝ се наштети на Македонија – вели Лазаров.

Професорот истакнува дека на тој начин ќе се фрли нова дамка на правниот систем на земјата и дополнително ќе се истакне дека сме држава што е правно несигурна, односно држава што е заробена и, практично, повторно ќе се истакне сѐ што беше забележано во извештајот на експертската група на Рајнхард Прибе. Професорката Тања Каракамишева-Јовановска истакнува дека барањето на Никола Груевски за азил имплицира де јуре проблематичен правен систем на државата, особено неисполнети европски стандарди во делот на правосудството.

– Господинот Груевски сигурно ќе биде сослушан од страна на националната унгарска служба за давање азил. Сигурна сум дека на тоа сослушување од негова страна ќе бидат елаборирани сите аномалии во спроведените истраги кон него, но и кон другите обвинети, ќе бидат детално објаснети сите аномалии во судските постапки, непочитувањето на правата на обвинетиот да има фер судење, да има право на нормална одбрана, која ќе има можност да се подготви во согласност со законските рокови, еднаквост на расположливите правни средства, почитување на начелото на пресумција на невиност на обвинетиот, да се има објективност во постапката, непристрасни обвинители што ќе бидат должни да ги заштитуваат правата на обвинетите, а не само јавниот/државниот интерес, водење постапки во согласност со европските критериуми итн. – вели таа.

Според професорката, факт е дека во Македонија, наместо фер судење и независна и непристрасна судска постапка, се води класичен политички прогон на раководните лица на ВМРО-ДПМНЕ, без елементарно почитување на човековите права, прогон во кој се повредуваат достоинството на странките и интегритетот на нивните личности, се врши изживување врз обвинетите, за да се оствари политичката цел утврдена во сценариото – да се оцрни опозицијата во функција на одбрана на велепредавничките активности на актуелната власт.

– Сите овие незаконитости секако дека ќе се одразат врз нашите натамошни преговори за зачленување во ЕУ и во НАТО – оценува Каракамишева-Јовановска.
Според професорката, токму во оваа насока таа неодамна во јавноста дала и конкретен предлог.

– Јас предлагам да се повика независен експертски тим, по примерот на предлогот на Али Ахмети, кој на ваков начин пред некое време иницира за случајот со предметот „Монструм“, тим што ќе има за задача да ги евалуира сите досегашни истраги, судските постапки завршени и во тек, притворањето на пратениците без одземање на имунитетот, уцените што се вршат врз опозициските пратеници да гласаат за уставните измени и многу други активности што не одат на линија на владеење на правото – вели професорката.

Каракамишева-Јовановска подвлекува дека владеењето на правото е клучниот критериум за почнување на преговорите и за идно водење на преговорите.
– Без владеење на правото, Македонија нема никаква шанса да оди натаму во која било интеграција, а уште помалку да биде правна држава организирана во согласност со примената на Уставот, законите и меѓународното право – резимира Каракамишева-Јовановска. А.С.