Во Ректоратот на УКЛО денеска беше потпишан Меморандум за соработка со Комората на Македонија за приватно обезбедување. Потписниците, ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски и претседателката на Комората, м-р Верица Милеска Стефановска нагласија дека Меморандумот е во функција на воспоставување на поинтензивна соработка.

– Длабоко сум убедена дека со потпишување на меморандумот за соработка со Универзитетот  „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе отпочнеме плодна соработка меѓу приватниот безбедносен сектор и универзитетските единици, особено со Економскиот, Правниот, Факултетот за туризам и угостителство, но и ќе ја продлабочиме успешната соработка со Факултетот за безбедност и секако и со другите единици, со сите нивни научно – истражувачки потенцијали, стручни и едукативни активности, преку трансфер на знаења и практики, се разбира во насока на унапредување на дејноста приватно обезбедување. Што е најважно, силно верувам дека со денешното потпишување на Меморандумот за соработка многу поуспешно ќе ја следиме безбедносната динамика, современите безбедносни закани, но и економски предизвици кои во услови на актуелната здравствена криза силно се чувствуваат во сите сфери на живеење во нашето општество – истакна претседателката на Комората, м-р Верица Милеска Стефановска.

Ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски од име на Универзитетот истакна дека потпишувањето на Меморандумот отвора ново поглавје во заедничката соработка.

– Интензивните контакти со Факултетот за безбедност претставуваа иницијален елемент за воспставување соработка, а иднината е во глобалната соработка. Низ таква перспектива, целиот наш потенцијал ќе биде на располагање и на Комората и секако, вашиот потенцијал ќе биде достапен и за нашиот Универзитет, бидејќи синергијата меѓу Универзитетот и бизнисот не е еднонасочна. Нашата визија е дека она образование коешто се остварува кај нас е образование дизајнирано од вас и од нас. Особено при обуки и проекти во кои влегуваме како партнери. Целосно се посветуваме заеднички да делуваме и да бидеме партнери, а нашите студенти да го видат бенефитот и да бидат дел од вашите развојни планови – нагласи ректорот Коруновски.

Покрај размена на научни и стручни мислења од областа на приватното обезбедување, со договорот се овозможува унапредување во образованието и оспособувањето на кадри од областа на приватното обезбедување.

УКЛО преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење со Комората ќе подготовува заеднички програми за научно-стручно оспособување и усовршување на кадрите од областа на приватнотот обезбедување, како и учество во заеднички проекти, анализи и проценки во областа на приватното обезбедување.

На Официјализирањето на соработката меѓу УКЛО и Комората на РСМ за приватно обезбедување присуствуваа и проректприте на Универзитетот: проф. д-р Гордана Трајковска, проф. д-р Љупче Кочоски и проф. д-р Марјан Ѓуровски и повеќе членови од Комората.

За Комората официјализирањето на соработката со УКЛО како важен дел од академската и научна јавност има дополнително значење и своевидна симболика, бидејќи се остварува на 21 годишнина од постоењето и работата на оваа установа што е непосреден учесник во градењето поволен безбедноен амбиент во нашата држава.