Како што одминува летото и културите достигнуваат за берба, така и крадците се фокусираат на сѐ што макотрпно одгледуваат земјоделците, и така до доцна есен

Последните неколку години земјоделците од Кичевско не можат спокојно да го соберат родот од своите ниви, бидејќи за тоа речиси редовно се грижат неканети гости, кои на туѓите ниви се однесуваат како да се нивни и безгрижно ги собираат плодовите на туѓиот труд.

– Како што се намалува бројот на обработливите површини во полето, така расте бројот на крадци во нашите ниви. Тие имаат јасна претстава кога не сме тука, влегуваат во нивите и го берат најквалитетниот род, со што ни прават големи штети. Јас на моите парцели имам засадено секакви култури – компири, грав, тикви, зелки, пченка…, и секоја година добар дел од родот не можам да го соберам, бидејќи без одобрение тоа го прават неповиканите берачи. Не помагаат ниту честиот надзор на нивите, ниту кучињата што ги чуваме во полето. Некои недобронамерни луѓе имаат за цел без да вложат нешто, да ја наполнат куќата со секаков род од полето што ние го работиме – се пожали Насер, еден од најголемите земјоделци во овој крај.

Дивите берачи не избираат која култура ќе ја соберат, туку сѐ што има добар квалитет, а е засадено во полето за нив е добредојдено.

– Со земјоделство се занимавам околу четири децении, но како последните десетина години никогаш не било. На моите ниви имам засадено култури што традиционално најдобро успеваат во нашиот регион. И сите култури без исклучок се цел на крадци.

Неканетите гости на нивите влегуваат во ноќните часови и по завршената работа, незабележани, со полни торби се враќаат дома, а тоа трае сѐ додека има род во полето. Речиси е невозможно да се спречат овие појави, кои и нас земјоделците нѐ обесхрабруваат и ние да ги оставиме нивите необработени, бидејќи вака ќе мораме да работиме за други и без вина да трпиме големи штети – се пожали земјоделец од кичевското село Србјани.

И сите други земјоделци истакнуваат дека, иако тие го плаќаат данокот и работат, сепак ќарот од полето го делат со други, кои го јадат нивниот труд.
Како што одминува летото и културите достасуваат за берба, така и крадците се фокусираат на сѐ што макотрпно одгледуваат земјоделците, и така до доцна есен.