Бобан Митевски, презвитер на МПЦ-ОА

Оваа 2020 година ќе биде година на големи очекувања за процесот за признавање на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, но ќе биде и година на исклучително важен јубилеј, кој ќе одбележи еден милениум континуитет на црковниот живот во едно од најголемите македонски светилишта, Бигорскиот манастир.
По тој повод, но и во пресрет на еден од најголемите христијански празници, Христовото раѓање – Божиќ, „Нова Македонија“ подготви празнично интервју со отец Бобан Митевски, кој ѝ припаѓа на помладата генерација свештеници во МПЦ-ОА.

Реално ли е да се очекува во 2020 година да има исчекор во насока на решавање на македонското црковно прашање, по најавите на Вселенската патријаршија дека се залага за решавање на спорот со СПЦ?
– Вселенската патријаршија секогаш била свесна за својата одговорност како првопрестолна меѓу православните цркви, но и доследна на своите права и обврски, загарантирани со светите канони и преданието на црквата. И затоа се реални надежите во сериозноста на Вселенската патријаршија и на нејзиниот свет претстојател, особено по изјавите дека ќе се заземат за решавање на прашањето за Македонската православна црква, според принципот на апелација, што припаѓа во правата и одговорностите на патријаршијата. Затоа и овој став на Синодот и сите дејства што ги презема во овој контекст, се и треба да бидат важечки за севкупната полнота на нашата света црква. А најдобриот пристап е тој, да се биде трпелив, умешен и внимателен. И, секако, потребни се многу молитви пред бога за вистинско и праведно решение.

Следната година Бигорскиот манастир ќе одбележи голем јубилеј. Што ќе значи тоа за МПЦ?
– Бигорскиот манастир во 2020 година одбележува илјада години од основањето. Овој милениумски јубилеј од една страна е доволен, а од друга страна конкретен показател за континуитетот на христијанството на овие простори и е силен доказ за верската припадност на нашиот народ. Овој јубилеј е и историска потврда за тоа колку е долго постоењето на црквата божја на овие простори, а Македонската православна црква е најмладата фиданка на тоа милениумско стебло. МПЦ е во исто време и дел и продолжение (наследник) на овој милениумски континуитет и затоа ги има правото и легитимитетот за своето постоење. Овој јубилеј на Бигорскиот манастир покажува колку тој е историски важен за МПЦ, како што е особено значаен и за поновата историја на нашата црква, особено со многуплодната мисија што игуменот и монасите ја прават меѓу православните на овие простори.

Зошто МПЦ смета дека не треба да се менува календарот?
– Најпрво би го соопштил познатиот факт дека календарот не е догматско или канонско прашање. Од тоа произлегува дека за промената на календарот може и да се размислува и дека календарот може да се менува, односно сметањето на времето да се мери во согласност со најновите научни и астрономски достигнувања.
Прашањето за календарот, речиси пред настапувањето на секој Божиќ, зема поголема актуелност. И токму тука се гледа суштината на проблемот, секако занемарувајќи ги оние, би рекол несреќни и неумесни, аргументи, како што е поврзувањето на ова прашање со празнувањето на административната Нова година со божиќните пости или со некаквиси економски и бизнис-моменти. Прашањето е во тоа што во црквата јулијанскиот календар е поврзан со литургискиот живот и со поредокот на литургиската година. Празнувањето на празниците е одредено врз основа на јулијанскиот календар, што е илјадалетна историја. Всушност, иако сме навикнати да велиме на 7 јануари, а тоа е според грегоријанскиот календар, по кој времето го мери и државата, ние црковно го празнуваме Божиќ на 25 декември. А тоа е според јулијанскиот календар. Значи Божиќ не е на 7 јануари, туку црковно е на 25 декември. Тука е и сметањето на Велигден по системот наречен Пасхалија, кој во Православната црква е подвижен, а според овој систем се одредуваат и сите други празници. И кој момент настанува тука? Православните цркви што го променија календарот, сите празници ги празнуваат по грегоријанскиот календар, а Пасхалијата, односно Велигден и празниците поврзани директно со Велигден, по јулијанскиот календар.

Вие сте свештеник од помладата генерација на МПЦ, колку сте задоволен од црковниот живот и од вклученоста на верниците во него?
– Вклученоста на верниот народ во црковниот живот, или активното живеење на верата, зависи од нас свештенослужителите. Најмногу од нас и најмногу од тоа колку ревносно одговараме на позивот кон кој доброволно сме пристапиле и сме се труделе да го добиеме. Ако сме достојни примери за верниците, ако сме доследни тоа што го проповедаме и да го живееме, ако се трудиме да бидеме вистински пастири, а не наемници, како што зборува Евангелието, тогаш нашите духовни стада ќе го препознаваат нашиот пастирски глас и ќе нѐ следат на патот кон Христа. А конкретно, има интерес и желба кај луѓето за бога, особено зашто современиот човек многу страда, има многу неизвесност и немир. И препознава, најчесто по долгото лутање по одговор и утеха, дека при бога, во црквата, е мирот. Сведок сум во овие седум години колку сум свештеник за страдањето на човекот, но и за тоа дека вистината, дека природниот начин на човечкото постоење, е во црквата. Многу луѓе нашле и одговор и утеха и надеж во љубовта на црквата. А многу било значајно како свештеникот ќе ја претставува црквата.


Останува препораката да не се палат бадникови огнови

И оваа година црквата останува на ставот да не се палат бадникови огнови. Отец Бобан вели дека начинот за прослава на Божиќ е секогаш ист, односно во црквата, и дека секогаш се знаело како се празнуваат празниците литургиски (богослужбено), што значи со молитва, во заедница со сите и преку соединување со бога.
– Секој друг начин е плод или на нашата фантазија или на потребата да дадеме некаков материјален аспект на празнувањето, ако е можно празниците да се сведат само на тоа, што ги прави актуелни и ги „воскреснува“ паганските традиции. Верата се учи преку словото божјо проповедано и чувано во црквата. Значи, таа е училницата што треба да ја посетуваме за да се образуваме – посочува отецот.

[email protected]