Во очекување на доделување датум за почнување на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, побаравме мислење од власта, опозицијата и од аналитичарите за тоа кои се трите најважни приоритети за државата, независно од исходот на одлуката на 15 октомври.

Од владејачкиот СДСМ, претседателот на Комисијата за надворешни работи на партијата, Едмонд Адеми, за „Нова Македонија“ вели дека тој е оптимист за позитивната одлука за почетокот на преговорите со Република Северна Македонија, која се очекува на 15 октомври.

Според Адеми, од наша страна засега сѐ е сработено, впрочем за тоа е потврда и заедничкото писмо испратено до јавноста за поддршка на Македонија за почнување на преговорите со ЕУ потпишано од претседателот на Европскиот парламент, претседателот на Европскиот совет, актуелниот претседател на ЕК и идната претседателка на ЕК.

– По долги години чекање, Владата, предводена од СДСМ, ја носи Република Северна Македонија кон полноправно членство во ЕУ, исто како и во 2005 година кога токму Владата предводена од СДСМ го донесе статусот кандидат за членство во ЕУ. Државата е целосно спремна да влезе во овој процес, по членството во НАТО, кое го очекуваме во декември, Владата паралелно е фокусирана на отворање на преговорите, на првите поглавја со ЕУ, односно поглавјата 23 и 24. Имаме политички преговарач, и технички преговарач, структурите на преговарачките тимови за секоја област се финална фаза на формирање. И во таа насока динамиката на преговорите ќе се усогласи на првата заедничка конференција помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија – вели Адеми.

Од друга страна, во однос на трите приоритетни чекори по 15 октомври партискиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, за „Нова Македонија“ вели дека во неможност Зоран Заев да ги исполни критериумите што ќе се бараат од Македонија, најкоректно би било да се оди на избори, бидејќи, според него, Република Македонија и граѓаните не смеат да бидат казнети поради корумпираноста и неспособноста на Владата на СДСМ.

– ВМРО-ДПМНЕ изминатиов период даде сериозен придонес во реформските закони и лобираше за добивање на долгоочекуваниот датум. Се надеваме дека тоа ќе се случи и покрај фактот што ни го посочуваат нашите меѓународни пријатели дека во земјава наместо функционален правен систем имаме систем на криминал и висока корупција. Во исто време немаме илузија дека Заев не поседува капацитет да ги исполни критериумите што ќе се бараат од Македонија во секое поглавје. Затоа, без разлика на исходот, најкоректно би било да се оди на избори на кои граѓаните ќе кажат што мислат за актуелната власт и ќе одлучат дали сакаат Заев и „октоподот“ околу него да ја држат Македонија заглавена во евентуалните преговори или ќе ја дадат довербата на нов тим, кој Македонија би ја ставил на брза лента кога е во прашање исполнување на критериумите за членството во ЕУ – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Стоилковски.
Во меѓувреме, експертската јавност смета дека тешко некој во земјава размислува за некои концепти, на кои ќе треба да се работи веднаш по 15 октомври. Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски вели дека во глобала Брисел ќе ги диктира приоритетите по 15 октомври, кои ќе треба да се сработат веднаш.

– Концентрацијата во врска со датумот го доживува својот максимум, и чинам дека тоа е лошо бидејќи во случај на недобивање, непотребно ќе следува невидено разочарување. Тешко е да се верува дека во земјава некој има одредени концепции што ќе треба веднаш да се преземат, а тоа е и нормално бидејќи Брисел ќе ги диктира приоритетите. Во секој случај изгледа дека се создава некоја атмосфера за одредување датум, и ако тоа се случи ќе биде само формално бидејќи сите настани што треба да следуваат во краток период ќе се одложат на година, година и пол и слично. Добро ќе биде ако ни одредат датум дури и со такви услови бидејќи тогаш ќе мораме да се организираме посериозно и да се посветиме на неопходните реформи – заклучува Никовски.

[email protected]