АХВ не вршела никакви проверки за безбедноста на храната и скоро половина година граѓаните конзумирале храна која можеби била целосно небезбедна за нивното здравје, изјави дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Тој нагласи дека оо перидот од 5 јуни до 11 ноември минатата година, односно повеќе од 5 месеци не се спроведувал мониторинг согласно Законот за безбедност на храната од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Скоро половина година, како што рече Трипуновски, АХВ немала склучено договор со Факултетот за ветеринарна медицина, за лабораториски услуги за ветеринарно јавно здравје.

„Во овој период од скоро половина година никој во државата не знаел каква храна јадат граѓаните. Дали јадат месо со антибиотици и тешки метали, млеко со афлатоксини, антибиотици и лош квалитет, јајца третирани со органофосфорни соединенија или имало можно присуство на ГМО храна и биолошки контаминирана храна. Ова е катастрофална негрижа за безбедноста на храната и здравјето на граѓаните“, обвини дополнителниот заменик министер.

Тој го повика Јавното Обвинителство по допрен глас да отвори истрага и да утврди дали во наведениот период имало штета по здравјето на граѓаните.