Фото: Игор Бансколиев / Архива

Во Македонија честопати се случува верски лидери и претставници на верските заедници гласно да зборуваат за одредени политички настани, што за многумина значи и нарушување на концептот на секуларноста во општеството. Колку реално религијата и политиката можат да бидат одвоени во општества како македонското, каде и политиката кокетира со религијата, но и обратно, кога религијата сака да биде фактор во општеството? Каде, всушност, е линијата на секуларизмот? Овие дилеми беа дел од научната дебата на тема „Политиката и религијата“, која се одржа вчера, во организација на Македонското политиколошко друштво и православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Владиката Пимен посочи дека претставниците на верските заедници не треба да бидат само декор на државните манифестации на кои се поканети да присуствуваат, туку како луѓе што имаат морална и етичка одговорност кон верниците треба да ги посочуваат и исправуваат девијациите во современото општество. Тој истакна дека верските лица секогаш се критикувани кога ќе изразат сопствен став во врска со некое политичко случување во земјата.

– Од нас се очекува секогаш да бидеме коректни и да не се мешаме во политиката, да не зборуваме, да се држиме настрана. Но ако ние не ги кажуваме и посочуваме аномалиите во политиката, тогаш кој треба да го прави тоа. Ние имаме должност да зборуваме за праведност и за подобро општество. Секуларноста не ни дозволува да се кандидираме за политички актери, и тоа е добро, но не ни забранува да зборуваме за политички неправди, и така треба да биде тоа – објасни владиката Пимен.

Ректорот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј во Скопје, Никола Јанкуловски, истакна дека во нашата држава честопати во практиката лесно може да се препознае блиската врска на религијата и политиката.

– Во македонската јавност многу малку се зборува за вредностите на религиите, многу малку се знае за различниот од себе, што, пак, според научните анализи е една од причините за генерирање некаков страв, што, пак, се користи како одбранбен механизам. Концептот на секуларно општество во Македонија во ситуација на јаки, влијателни верски институции се губи во основната суштина. Верските претставници честопати ја преземаат улогата и на етнички претставници. Во државата нема ниту јасна и прецизна слика за перцепцијата на верниците и припадниците на различни верски групи околу степенот на меѓуверското познавање или за тоа колку и како верските заедници придонесуваат во процесот на меѓуверски дијалог – заклучи ректорот Јанкуловски.

Марјан Ѓуровски, претседателот на Македонското политиколошко друштво, пак, истакна дека во суштина, политиката и религијата се брак од интерес или љубов и страв. Тој праша дали верските заедници и религиозните групи во Македонија се користат како инструмент во политиката во зависност од дневниот интерес и дали во суштината на интересот е влијанието што сакаат да го остварат политичките субјекти во Македонија или, пак, интересот е профитот, од едната и од другата страна.

– Во изминатите 25 години секоја власт секогаш кокетираше со верските заедници. Тоа може да има краткорочни поени, но на крајот може да има и многу штетни последици. Особено треба да се биде внимателен бидејќи последиците можат да бидат во однос на демократското живеење и мултиконфесионалниот и мултиетнички карактер на земјата. Верските заедници, пак, во никој случај не треба да бидат замена за политичките партии или обратно. Политиката има потреба од верските заедници веројатно поради недостиг од морален авторитет, кој го побарува кај верските заедници и религиозни групи – истакна Ѓуровски.